ОД ЈУЛИ ТРОТОАРИТЕ НА УЛИЦАТА ОРЦЕ НИКОЛОВ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ОСЛОБОДУВААТ ЗА ПЕШАЦИ

    ОД ЈУЛИ ТРОТОАРИТЕ НА УЛИЦАТА ОРЦЕ НИКОЛОВ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ОСЛОБОДУВААТ ЗА ПЕШАЦИСпоред проектот коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.(Фото: Општина Центар)

    Општина Центар од наредниот месец ќе почне со реконструкција на улицата Орце Николов, со што тротоарите ќе се ослободат од возила и ќе се изведе пешачка и велосипедска патека. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека наредната недела треба да се одржи електронската аукција за избор на фирма изведувач, по што ќе стартува реализацијата на овој проект кој го најави уште лани во февруари.

    „За да не се затвори целосно улицата, реконструкцијата ќе се одвива во три фази. Прво ќе се работи на потегот од булеварот Климент Охридски до улица Ленинова, потоа до Општина Центар и на крај до улицата Рузвелтова. Со овој проект ќе се реши долгогодишниот проблем на граѓаните“, вели Богдановиќ.

    Според проектот ќе се реконструира коловозот со површина од 9.330 метри квадрати. На селектирани локации ќе се изврши подигнување на улицата, односно ќе бидат поставени пет подигнати премини кои ќе служат како легнати полицајци и ќе придонесат кон нормализирање на брзината на движење на возилата. На крстосницата со улицата Аминта Трети (Ленинова) ќе се изведе кружен тек. Ќе се воведе паралелно паркирање на ниво на улицата со џебови за паркирање. Во проектирање на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.

    Според сегашното решение, на улицата има 180 паркинг места, а со новото ќе се намалат на 80. За да овозможи паркинг на жителите предвидена е изградба на монтажна катна гаража на просторот меѓу бараките на Општината и Министерството за одбрана.

    Богдановиќ најавува дека годинава ќе се реконструираат и улиците Мирослав Крлежа и Ленинова. Улицата Мирослав Крлежа кај Министерството за култура ќе стане пешачка зона.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира