ОД НОВА ГОДИНА НАД 200 ОТСТО ПОВИСОКИ СМЕТКИТЕ ЗА ГАС ВО КУМАНОВО 

    ОД НОВА ГОДИНА НАД 200 ОТСТО ПОВИСОКИ СМЕТКИТЕ ЗА ГАС ВО КУМАНОВО Во Куманово има 400 физички и правни лица потрошувачи на гас, а општината и јавното претпријатие во изминатите години го субвенционираа приклучокот за граѓаните. (Фото: СДК.МК)

    Домаќинствата и фирмите во Куманово кои користат гас од овој месец ќе плаќаат сметки повисоки за над 200 отсто. Наместо 25 денари за кубен метар како што беше минатата година, сега потрошениот гас ќе го плаќаат по 80 денари. Ова огромно зголемување на цената се должи на светската криза, па ЈП „Куманово-гас“ новата набавка на гас го чинеше двапати поскапо во однос на предходната година.

    „Ова не е до нас и не зависи од нас, таква е состојбата во целата држава и во Европа. Досега гасот го продававме по 25 денари за метар кубен, а сега ќе биде 80 денари. Граѓаните се бунеа дека им е скапо и на предходната цена, а сега можам да замислам. Ако некој месечно трошел 100 кубика и плаќал 2.500 денари сега ќе треба да плаќа 8.000 денари. Ние ги известивме потрошувачите за поскапувањето и тие ќе одлучат дали ќе го користат или не“, изјави директорот на ЈП „Куманово-гас“ Никола Денковски.

    Во Куманово има 400 физички и правни лица потрошувачи на гас, а општината и јавното претпријатие во изминатите години го субвенционираа приклучокот за граѓаните, заради финансиските и еколошките придобивки. На гасоводот се приклучени и повеќа јавни институции, училишта, градинките и други државни и општински установи, за кои зголемувањето на цената на гасот ќе биде удар по нивните буџети.

    Претпријатието има обезбедно гас само за еден месец, а постоела опасност да остане и без тие количини и да ги остави потрошувачите без енергенсот, ако снабдувачот во државата не ја добиел нарачката од рускиот пазар.

    „Имавме известување од фирмата ‘Пром-гас’, од 1 јануари нашите потрошувачи да си бараат алтренативно решение за затоплување, бидејќи нема да ни испорачаат ни минимални количини. Во последен момент, на 31 декември успеавме да добиеме гас само за јануари. Ние уште во септември побаравме 130.000 кубни метри гас, а добивме само 90 кубици. Според најавите на трговците, се очекува во наредниот период да се стабилизира снабдувањето на светскиот пазар и постепено да се вратат старите цени. Да се надеваме дека ќе биде така“, вели Денковски.

    Тој смета дека набавените количини ќе им траат и повеќе од еден месец, бидејќи високата цена ќе ја намали потрошувачката на гас. Олеснителна околност е и тоа што училиштата не работат поради зимскиот распуст, па и тука ќе заштедат.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира