ОД ПОПЛАДНЕВО БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО, АКТИВИРАНИ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ГРАД СКОПЈЕ

    ОД ПОПЛАДНЕВО БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО, АКТИВИРАНИ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ГРАД СКОПЈЕГрад Скопје ги активираше мерките за заштита на здравјето на граѓаните по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум. (Фото: СДК.МК)

    Од попладнево возењето во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници ќе биде бесплатно како една од мерките против загадувањето на воздухот. Град Скопје ги активираше мерките за заштита на здравјето на граѓаните по добиеното известување од Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10 на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат,

    Покрај бесплатниот превоз, се зајакнува инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје, се ограничуваат градежни активности на објектите во надлежност на Град Скопје, интезивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

    Ќе се врши зачестено машинско миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и препорака на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност. Се апелира до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, а Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот.

    Се препорачува откажување на јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено.

    „Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки и да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува. Градот Скопје веќе започна со сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и токму ова е еден од најголемите приоритети на кој ќе работи новата градска администрација. Овие комплементарни мерки за обезбедување  повисок квалитет на живот за граѓаните, ќе придонесат за намалување на нивото на загаден воздух во Скопје, а за секоја настаната промена на состојбата јавноста ќе биде редовно известена“, велат од Град Скопје.

    Итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот се согласно Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје кој е донесен од Советот на Град Скопје. Овие мерки ќе бидат во сила се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира