ОД ПОСТАВКАТА СО СЛИКИ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ШТИП ИСЧЕЗНА СЛИКАТА НА ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

    ОД ПОСТАВКАТА СО СЛИКИ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ШТИП ИСЧЕЗНА СЛИКАТА НА ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛПразното место за сликата на Трајчо Спасов меѓу последните претседатели на Штип Славчо Митевски и Методи Милев и првиот плуралистички градоначалник Томо Миташев (Фото: СДК.МК)

    Од холот на големата сала на Општина Штип, кадешто се наоѓа постојаната поставка на слики на сите досегашни штипски претседатели, градоначалници и претседатели на Советот, исчезна сликата на еден поранешен претседател, а две сè уште не се закачени. Со мандат од две или четири години, од ослободувањето во 1945, Штип имал 18 претседатели на градот и шест градоначалници.

    Исчезнатата слика е на преодниот претседател во плурализмот Трајчо Спасов, кој беше претседател на Општина Штип од 1992 до 1997 година. Службите во Општината велат дека сликата била земена од семејството уште во февруари годинава поради комеморација на починатиот Спасов, но семејството вели дека сликата не e кај нив.

    Холот пред големата сала, на чии ѕидови се поставени сликите на штипските претседатели и градоначалници (Фото: СДК.МК)

    Штипјани го паметат Спасов, кој пред да стане претседател на Штип беше долгогодишен директор на големата производно-прометна компанија „Макпромет“, по тоа што во негово време како прв човек на градот успешно беше реализиран референдум за самопридонес на граѓаните за средства во висина од речиси еден милион евра, кои до денес, поради партискиот опортунизам, стојат како „ мртви пари“ во банка, без да имаат камата.

    Повеќе од една година не е поставена ниту сликата на Илчо Захариев, претходник на актуелниот градоначалник Благој Бочварски. Сликата на Захариев единствено ја има во делот на претседателите на Советот, затоа што тој оваа функција ја извршуваше во 2005-2006 година. Во оваа поставка празно е местото и на последниот претседател на Советот Влатко Миташев, претходник на Јане Миланов.

    „За исчезнатата слика на Спасов се проговори на 8 ноември, кога Советот на Општината го одбележуваше Денот на ослободувањето на градот. Ми беше речено дека таа била земена од семејството. Слика со ликот на Трајчо Спасов, но и слики со ексградоначалникот на Штип и на претседателот на Советот ќе бидат брзо поставени во холот на Општината, како што треба да се постави и моја по завршувањето на мандатот“, вели Миланов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира