Од утре автобусите на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници ќе возат со редуциран возен ред, односно според распоредот кој важи за време на зимскиот и летниот училиштен распуст. Од претпријатието велат дека редуцираниот возен ред е во согласност со препораките на Владата за заштита од коронавирусот, старите и хронично болните лица да не се возат со јавен провоз, како и намалениот број патници откако училиштата и факултетите се затворени во наредните 14 дена.
Од ЈСП „Скопје“ и Град Скопје засега не го укинуваат бесплатниот автобуски превоз за пензионерите иако Владата препорача тие да не се возат со автобуси.
„Редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно додека на сила се препораките на Владата. Апелираме до граѓаните за рационално користење на јавниот превоз“, велат од ЈСП „Скопје“.
По појавата на првиот заразен граѓанин со коронавирус во земјава, сите автобуси секој ден пред да бидат пуштени во сообраќај вонредно се дезинфицираат.
Додека траат мерките на Владата за заштита од коронавирусот нема да работи ниту Зоолошката градина во Скопје. Од таму велат дека редовно се дезинфицираат живеалиштата на животните во градината.
А. АНТЕВСКА