ОД ВЕЧЕРВА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ЌЕ БИДЕ НОРМАЛИЗИРАН ПО НЕСРЕЌАТА КАЈ ВЕЛЕС

    ОД ВЕЧЕРВА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ЌЕ БИДЕ НОРМАЛИЗИРАН ПО НЕСРЕЌАТА КАЈ ВЕЛЕСНаправена е голема материјална штета на инфраструктурните постројки, пругата, колосеците, електричните столбови, сигнализацијата, контактната мрежа и оптичкиот кабел што допрва ќе се утврдува; - Железничката станица во Велес (Фото: СДК.МК)

    Од Македонски железници (МЖ)-Инфраструктура најавуваат дека  до вечерва  електричната локомотива ќе биде крената од пругата и железничкиот сообраќај  на релацијата Скопје – Велес нормализиран, по несреќата што се случи близу железничката станица Рајко Жинзифов вчера попладнето околу 17 часот. Поради ова, патничкиот воз од и за Кочани не сообраќа, а возовите од и за Битола и Гевгелија возат до и од Велес.

    Причинета е голема материјална штета, која ја утврдува надлежната комисија на МЖ која е на терен.

    „Направена е голема материјална штета на инфраструктурните постројки , пругата, колосеците, електричните столбови, сигнализацијата, контактната мрежа и оптичкиот кабел. Висината на вкупната штета  ќе ја утврди комисијата која е излезена на лице место. Моментално се врши поправка и подигање на локомотивата и се очекува во вечерните часови сообраќајот да биде пуштен со дизел влеча на возови“, се вели во писмената информација од МЖ-Инфраструктура.

    До прекин на железничкиот сообраќај  на пругата помеѓу железничките станици Скопје  и Велес е дојдено по одрон на карпа која падна на колосекот. На одронот налетал товарен воз со електрична локомотива при, што таа се излизга од колосекот и удрила во блиските метални столбови од контакта мрежа.  Од ударот во карпата повредени се  машиновозачот и неговиот помошник на локомотивата, кој беа згрижени во велешката болница. Тие утрово се пуштени на домашно лекување.  Машиновозачот С. М. (23) од Скопје и совозачот Р. Б. (23) при ударот на локомотивата,  удриле со главите во машината и се онесвестиле.

    „Во 19,10 часот на хируршкото одделение  донесени се две лица повредени во железничка несреќа. Се жалеа на повреди на главата, вратот и рамениците. Укажана им е итна лекарска помош, ноќеска се здржани во болница, опсервирани се и утринава се пуштени на домашно лекување“, рече Марина Андова, портпаролка на Општа Болница Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира