ОД ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ВО БИТОЛА ИСПУКАА ТАВАНИ И ЅИДОВИ ОД ОБЈЕКТИ, БИТОЛЧАНИ СЕ НА УЛИЦА

    ОД ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ВО БИТОЛА ИСПУКАА ТАВАНИ И ЅИДОВИ ОД ОБЈЕКТИ, БИТОЛЧАНИ СЕ НА УЛИЦАОд потресите Битола испукаа тавани и ѕидови, испаднаа ќерамиди, но нема поголеми штети. (Фото: СДК.МК)

    По серијата земјотреси ноќва околу 22.43 часот, битолчани панично ги напуштија домовите и ноќта ја минуваат на улиците. Земјотресите, три едноподруго од кои најсилниот со магнитуда од 5,6 степени, кои имаа епицентар во близина на грчка граница на 5 км североисточно од Лерин, а беа почувствувани и во Битола, предизвикаа материјални штети врз куќи, згради и други објекти, со пукање на тавани и ѕидови, испаднати ќерамиди.

    Сепак, според првите впечатоци нема посериозни оштетувања.

    „Живееме во повеќекатница, кога почна да дрма, испука ѕидот. Цела стакларија се искрши. Настана паника. Сите бегаа од становите”, кажува битолчанка.

    Од земјотресот има одредени оштетувања врз објектот на Клиничка болница во Битола. Но, сепак стабилен е, граден пред повеќе децении по сите сеизмички стандарди. Од Болницата соопштија дека сите пациенти се стабилни и дека нема транфер на болни по други болници.

    Дел од граѓаните се во возилата наместо по домовите. Видно е зголемен сообраќајот низ улиците.

    Земјотресот посилно се почувствува и во Скопје Охрид, Велес и други градови во Македонија.

    Како што соопшти Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 км јужно од Скопје во Грција во околината на Лерин.

    „Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6 а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на Републиката и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од Републиката беше почувствуван со интензитет од IV степени а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени според истата скала. Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2 а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на Републиката со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала. Според досегашните податоци овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикаа материјални штети“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира