Голем број граѓани се собраа на плоштадот во Струмица за да им оддадат почит на 59-те загинати во пожарот дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, со барање институциите сериозно да рабoтат во интерес на граѓаните. Дел од нив палеа свеќи, други се потпишуваа во книгата на жалост, а најмладите побараа промени во целиот систем оти се е гнило и страдаат токму тие.
„Општеството ни е гнило, очигледно дека гнаси од луѓе постојат кај нас. Секој треба да си стави прст на чело и да размисли што и за кого работи. Треба целосни промени, а сето тоа зависи од нас граѓаните. Не треба да дозволиме да ни се случи уште една голема несреќа за да се разбудиме. Време е да преземат одговорност и да одговараат сите оти вака не оди“, рекоа струмичани кои се собраа на плоштадот.
Младите ги носеа транспарентите сите со пораки кон државата, институциите за заштита, одговорност на функционерите и општество без корупција.
Во пожарот загина и 24-годишниот струмичанец Ѓорги Ѓоргиев, кој беше тапанар во бендот на ДНК што настапуваше кога се запали дискотеката во Кочани.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска кажа дека е уапсено лицето кое издало и потпишало проект дека дискотеката „Пулс“ во Кочани, ги исполнува сите потребни услови за да добие лиценца за работа, кажа . Лицето се терети за Тешки дела против општата сигурност во врска со предизвукување општа опасност. Во моментов, како што кажа министерот, одреден е 48-часовен притвор за 14 лица и тоа на 11 за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, а на три лица за несовесно работење.
Министерот кажа дека се идентификувани сите 59 загинати, повредени се вкупно 196 лица од кои 20 се деца, а 80-мина се транспортирани на лекување во странство.
Тошковски кажа дека денеска се разрешени началници од Штип и Кочани за да се обезбеди независна истрага и на нивно место ќе бидат донесени началници од Скопје.
В. ТРАЈКОВ