ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ПРОГЛАСЕН ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ГОЛЕМО ЗНАЧЕЊЕ, ЗАШТИТАТА БИЛА ТРГНАТА ПРИ ОБИДОТ ЗА ПРОДАЖБА ОД ВЛАСТА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО 2016

    ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ПРОГЛАСЕН ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ГОЛЕМО ЗНАЧЕЊЕ, ЗАШТИТАТА БИЛА ТРГНАТА ПРИ ОБИДОТ ЗА ПРОДАЖБА ОД ВЛАСТА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО 2016Одлуката за заштита ја донесе Владата на предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство. (Фото: СДК.МК)

    Офицерскиот дом во Битола, објект стар 110 години наречен уште и битолски Версај, e прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Одлуката ја донесе Владата на предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство.

    Министерката, прашанa зошто објектот немал заштита изминатите години, одговори: „Најверојатно беше спуштена пред неколку години кога имаше обид за негова продажба како неидентификуван објект“.

    Објектот за првпат бил прогласен за споменик на културата во 1977 и тоа решение важело досега. Во 2017 започнала постапка за ревалоризација, се изработил елаборат, се утврдил режим на заштита, направена е класификација и донесена е одлука на Влада за прогласување на културно богатство од особено значење.

    Обидот за продажба на Офицерскиот дом беше во 2016 година, кога тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски во Службен весник ја објави продажбата на објектот. Но, битолчани излегоа на протести, по што беше повлечена и објектот предаден на Општина Битола. Објектот беше реставриран пред една година за време на претходната локална власт на СДСМ со средства од европските ИПА фондови и кофинансирање на Општината.

    „Сегашниот највисок режим на заштита подразбира: трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба, создавање на поволни услови за опстанок и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво. Ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Домот и за неговата улога во културната идентификација, оспособување според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање“, рече Костадиновска-Стојчевска.

    За објектот на Подофицерскиот дом и јавната градска чешма кои се во рамките на парцелата на Офицерскиот дом се утврдува режим на заштита од втор степен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира