ОГРОМНА КАРПА СЕ УРНА ВО ДВОРОТ НА СЕМЕЈНА КУЌА ВО РАДОЖДА, НЕМА ПОВРЕДЕНИ

    ОГРОМНА КАРПА СЕ УРНА ВО ДВОРОТ НА СЕМЕЈНА КУЌА ВО РАДОЖДА, НЕМА ПОВРЕДЕНИКуќата на семејството Пејовски не е оштетена, но уништени се помошните објекти. (Фото: СДК.МК)

    Карпа се одрони во струшкото село Радожда кај пештерната црква „Свети Архангел Михаил“, при што огромни камења ги уништија помошните објекти во дворот на семејството Пејовски, но повредени нема.

    „Утрово пред седум часот нѐ разбуди јака бучава, како некој јак притисок, исто како земјотрес. Веднаш излеговме надвор да видиме што е. Сликата беше страшна. Карпа во пет метри должина ги имаше срамнето со земја плевните. Бевме преплашени, а децата врескаа од страв“, вели Арсе Пејовски, еден од тројцата браќа кој живее во куќата.

    Според мештаните, одронот најверојатно е предизвикан од снегот и ниските температури. Велат дека не паметат вакво нешто и сега стравуваат дека местото не е безбедно, оти се гледале надвиснати камења кои можеле во секој момент да паднат.

    „Куќата е веднаш под каменот, но, за среќа, не е оштетена. Каменот паднал врз плевните и помошните објекти. Имам 58 години и првпат гледам вакво нешто. Среќа што нема повредени. Сами треба да се организираме да им помогнеме на луѓето. Треба со машина да се расчисти теренот, огромни камења се“, вели повозрасен жител на Радожда.

    Од Општина Струга денеска биле на увид и ветиле расчистување на теренот, но стравот кај семејството Пејовски останува. Велат дека не знаат колкави се напукнувањата на карпата и кога може нов одрон да им се најде во дворот.

    „Ништо не е сигурно. Стравуваме, но нема каде да одиме“, вели Арсо.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира