ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ИМА ДОЛГ ОД 4 МИЛИОНИ ЕВРА, БЛОКИРАНА СМЕТКА И ИЗВРШНИ СУДСКИ РЕШЕНИЈА, ДИРЕКТОРОТ БАЛЕСКИ БАРА ДРЖАВАТА ДА ПОМОГНЕ

    ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ИМА ДОЛГ ОД 4 МИЛИОНИ ЕВРА, БЛОКИРАНА СМЕТКА И ИЗВРШНИ СУДСКИ РЕШЕНИЈА, ДИРЕКТОРОТ БАЛЕСКИ БАРА ДРЖАВАТА ДА ПОМОГНЕСекојдневно доспеваат нови долгови и доколку државата не помогне со финансии состојбата дополнително ќе се влоши, преупредува директорот д-р Горан Балески. (Фото: СДК.МК)

    Општата болница во Охрид има долг од 4 милиони евра, дел наследен, а дел направен во изминативе две години како последица на ковид пандемијата. Болницата 7 месеци работи со блокирана сметка и со извршни судски решенија кои доспеваат секојдневно, со што се отежнува нормалното функционирање.

    „Сметката од август месец минатата година е блокирана. Секојдневно доспеваат нови долгови и доколку државата не помогне со финансии состојбата дополнително ќе се влоши“, преупредува директорот д-р Горан Балески.

    Само во изминативе две години поради ковид кризата направен е долг над еден милион евра за набавка на медицински материјали, боци за кислород а дополнителни средства биле потребни и за исплата на зголемените дежурствата на медицинскиот персонал оти имало и по 140 хоспитализирани пациенти дневно, а тие дежурства мора законски да се исплатат, вели д-р Балески.

    „Пред почетокот на ковид кризата, Инфективното одделение трошеше една боца за кислород годишно. Во време на ковид пикот 200 боци во денот се книжеа на Инфективно. Огромни суми се тоа и не верувам дека има подобра состојба во болница која активно работи во ковид кризата. Карантински прегледи, ковид пациенти, па и процес на вакцинација, сè одеше преку Општа болница Охрид. Во ковид криза имавме и 1.400 операции, 400 породувања, не е мала бројка“, вели д-р Балески.

    Годишниот буџет кој го добива Охридската општа болница од Фондот за здравство (ФЗО) е пет милиони евра, од кои 70 проценти се за исплата на плати за 530 вработени, а останатите 30 проценти за режиските трошоци.

    „Со таа сума која ја добиваме моментално од Фондот не можеме да работиме. Се обидуваме постојано да алармираме за ваквата состојба, но досега ништо плус немаме добиено. На почек набавуваме лекови и потрошна медицинска опрема имаме и тужби и заостанати долгови. Веледрогериите ќе престанат да испорачуваат. Долгови имаме кон сите производители на лекови, како и за набавката на кислород. Не постои фирма кон која немаме долгови, но за среќа сè уште нè толерираат“, вели д-р Балески.

    Тој кажа дека болницата не може да ја плати ни сметката за струја која за минатиот месец изнесува 4 милиони денари (околу 65.000 евра).

    „Фондот за здравство и Министерството за здравство се запознаени со нашите проблеми. Не верувам дека има директор на Општа болница што овие две години спиел мирно. Не верувам дека има болница која може да ги сервисира долговите последните две години. Мора државата да застане зад сето ова, во спротивно квалитетот на здравствената услуга ќе биде смешен, а тоа не смее да се дозволи“, додава д-р Балески.

    Според директорот на Општата болница, покрај огромните долгови проблем е и недостигот на стручен кадар оти, како што вели, кризата покажала дека со години се примал непотребен персонал кој немал медицинско образование, па моментално болницата има недостиг од медицински сестри и лекари.

    „Има служби кои буквално за ништо не можете да ги искористите. На 530 вработени имаме само 70 специјалисти. Три години немаме доктор пратено на едукација. Ниту пари ниту можност имаме за тоа, а доколку три години лекарот не се едуцирал некаде исто е како да не завршил медицина која оди сè напред и напред“, смета д-р Балески.

    Ниските цени кои им ги калкулира Фондот за здравство на државните болници дополнително го зголемува негативното салдо на нивните сметки, оти операциите чинат многу повеќе од парите кои ги добиваат за услугите.

    „Овие цени кои ни ги фактурира Фондот за услугите кои ги даваме се смешни. Операција за ласерско кршење на камен во бубрег со најсовремена опрема Фондот ни ја калкулира 400-500 евра, а само влакното кое го користиме за кршење на каменот е 360 евра. Како ние со таа цена можеме да опстанеме?“, прашува д-р Балески.

    И додека Охридската болница секојдневно се соочува со нови судски извршни решенија и опасност од закани од веледрогериите дека ќе ја прекинат испораката на лекови, следува период на зголемен обем на работа во болницата поради престојната туристичка сезона.

    „За време на туристичка сезона цела Македонија ќе дојде во Охрид, сообраќајки, пијани, дрогирани и ние треба да им речеме нема услуга ? Ние сме на располагање на сите граѓани. Граѓаните цел живот одвојувале пари за да имаат квалитетни здравствени услуги. Ниту еден пациент досега не е вратен, без разлика од каде е и дали има здравствено осигурување и така ќе биде и понатака“, вели е д-р Балески.

    Според него, единствениот излез за презадолженоста на македонските болници е помошта од државата, во спротивно услугите на болниците ќе се сведат на кревет и антибиотик.

    „Столб на здравството е државното, а не приватното. Нема секој пари да се лечи приватно. Доколку државата, Министерството, Фондот не ја донесе болницата на нула услугите кои ќе ги даваме ќе се ништо. Кревет и антибиотици може и дома да прими. Потребна е опрема и стручен кадар. Не може да штедиме на тоа“, вели Балески.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира