„ОХРИДСКИ КОМУНАЛЕЦ“ ВОВЕДУВА НОЌНА СМЕНА ВО ЛЕТНАТА СЕЗОНА, ЛАНИ ИСЧИСТЕНИ НАД 600 ДЕПОНИИ

    „ОХРИДСКИ КОМУНАЛЕЦ“ ВОВЕДУВА НОЌНА СМЕНА ВО ЛЕТНАТА СЕЗОНА, ЛАНИ ИСЧИСТЕНИ НАД 600 ДЕПОНИИПодновени со нова опрема, од „Охридски комуналец“ најавија и воведување меѓусмена и ноќна смена за подигнување на комуналниот отпад. (Фото: СДК.МК)

    Охрид, најголемиот туристички центар во државата, на стартот од сезоната интензивно се подготвува за пречек на туристите. Се уредуваат зелените површини, се засадуваат нови цветни и украсни садници, се зголемува динамиката на чистење на улиците, но и се работи на подигнување на свеста кај граѓаните за чиста и здрава животна средина.

    Од Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ велат дека јавната хигиена е приоритет во работењето, а во услови кога се очекува наплив на гости најавуваат дека ќе биде ангажиран целосниот капацитет на човечки ресурси и механизација. Оттаму апелираат граѓаните и туристите да внимаваат каде фрлаат отпадоци.

    „Со новата летна програма за одржување на јавната хигиена направена е реорганизација во работењето, промена во динамиката на подигнување на комуналниот отпад, се воведува трета смена и меѓусмена посебно за централното градско подрачје односно за стариот дел од градот, се врши вонредно сервисирање на возилата со цел навремено и квалитетно извршување на работните задачи на терен“, вели директорот Саше Најдески.

    Подновени со нова опрема, од „Охридски комуналец“ најавија и воведување меѓусмена и ноќна смена за подигнување на комуналниот отпад.

    „Јавното претпријатие преку Југозападен Плански Регион и Општина Охрид доби нови возила за чистење снег и соларка. Во фаза сме на обновување на возниот парк. Предвидена е набавка на две возила специјализирани за собирање комунален отпад со капацитет од 20 метри кубни. Од сопствени средства набавено е и возило булдожер за одржување на депонијата Буково, со што ќе се намалат трошоците за одржување на истата“, кажува Најдески.

    Програмата за јавна чистота предвидува и чистење на плажите кои не се дадени под концесија. Според најавите, ќе бидат поставени 200 канти од по 120 литри кои навремено ќе се сервисираат според однапред утврдена динамика.

    Ниската еколошка свест е главната причина за создавање диви депонии кои секојдневно никнуваат како во градот така и во приградските населби. Од „Охридски комуналец“ велат дека се спремни да се справат со ваквите појави, но апелираат граѓаните и туристите соодветно да го депонираат кабастиот и комуналниот отпад за да се остави чиста слика за градот, за почист Охрид и чиста животна средина.

    „Минатата година расчистивме околу 600 мали депонии и 20-тина поголеми. Кренат беше над 800 метри кубни кабаст и зелен отпад. Размислуваме да се постави видеонадзор на цел град, посебно на оние критични точки каде се создаваат дивите депонии. На тој начин би се намалило создавањето на дивите депонии, но секако тука е потребно и присуство на инспекторатот на терен и редарите и доколку е потребно да се изрекуваат и казни“, вели директорот на „Охридски комуналец“.

    „Охридски комуналец“ за  подигнување на свеста кај најмладите за значењето на чистата животна средина организира и кампањи преку невладините и здруженијата на граѓани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира