ОХРИДСКИТЕ ТАКСИСТИ ОДБИВААТ ДА ВОЗАТ НИЗ ГРАД, СЕДАТ ПРАЗНИ И ЧЕКААТ ТУРИСТИ ЗА НАДВОР ОД ОХРИД ЗА ПОВИСОКА ЦЕНА

    ОХРИДСКИТЕ ТАКСИСТИ ОДБИВААТ ДА ВОЗАТ НИЗ ГРАД, СЕДАТ ПРАЗНИ И ЧЕКААТ ТУРИСТИ ЗА НАДВОР ОД ОХРИД ЗА ПОВИСОКА ЦЕНАВо Општина Охрид има 32 регистрирани компании за такси превоз. (Фото: СДК.МК)

    Дел од охридските таксисти одбиваат да ги возат патниците на градски локации и ги препраќаат кај други колеги, додека тие чекаат патници кои за поголема сума би патувале надвор од Охрид.

    „Се возев со такси од центарот на Охрид до апартманот каде што сме сместени кој е оддалечен 3 километри од центарот. Според таксиметарот, платив 150 денари. Утредента, сакав да фатам од такси од главната станица во центарот, спроти чаршијата. Знаејќи дека возилата заминуваат по ред, сакав да се качам во првото. Таксистот ме препрати ‘поназад’ кај колегите. Вториот и третиот го направија истото. Кога на четвртиот му ја кажав адресата ми рече: ‘Може, 250 денари’. Кога го прашав како вчера било 150 а денес 250 и од каде знае колку ќе покаже таксиметарот тој ми подвикна: ‘Ало, бегај, не шири негативна енергија“, вели еден турист од Скопје.

    На крајот, кога и петтиот таксист го прашал колку поназад да оди во редот за да најде возило, тој му рекол: „Бегај горе на патот. Нема да возиме низ град, чекаме за подалеку“. Откако му го кажал тоа, таксистот заедно со другите колеги продолжил да игра и да пее на музика која свирела од околина кафулиња.

    Според отворените податоци на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици на Општина Охрид објавени на официјалната веб-страница и ажурирани во април 2022, во Општината има 32 регистрирани компании за такси превоз.

    „Бевме со пријателка во Охрид на почетокот од јули и од Автобуската станица до населбата Далјан плативме 200 денари. Кога дојдовме на почетокот од август и побаравме такси до истото место, ни рекоа дека чини 400 зашто е сезона и цените скокнале“, ни рече туристка од Велес и додава дека кога на таксистот му побарале да вклучи таксиметар тој им рекол дека е зафатен и да побараат друго возило.

    Охриѓани велат дека не им е чудно ваквото однесување на тексистите.

    „Ако викнеш такси од некоја од плажите а таксистот доаѓа од центар, се има случено да ја наплати цената во двата правци“, ни рече еден охриѓанец.

    САКАМДАКАЖАМ.МК пред три дена испрати е-пошта до Општина Охрид со прашање дали Општинскиот инспекторат ги казнува таксистите кои  не вклучуваат таксиметар и кои одбиваат да возат патници кога се слободни. Исто така, дали има поплаки од граѓании дали и како постапува Инспекторатот. Вчера, во телефонскиот разговор од Општината ни рекоа дека уште чекаат одговор од колегите од Инспекторатот, а до објавувањето на текстот не добивме одговор на прашањата.

    М. ЏАРОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира