ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО СИ СЕ ПРОЧИСТУВА ОТКАКО СЕ УРНАТИ ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ И ДИВОГРАДБИТЕ НА ПЛАЖИТЕ

    ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО СИ СЕ ПРОЧИСТУВА ОТКАКО СЕ УРНАТИ ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ И ДИВОГРАДБИТЕ НА ПЛАЖИТЕОд село Пештани до хотел Метропол, каде се отстранија нелегални градби, платформи, постаменти, отстранети се голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро. (Фото: СДК.МК)

    Со активностите за отстранување на дивопоставените објекти и платформи на охридските плажи Езерото се ослободи од огромни количини фекалии и отпадни води. При самото уривање на шанковите во Охрид биле пронајдени канализациски цевки кои завршувале во езерото. Од село Пештани до хотел Метропол, каде се отстранија нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали, откриени и отстранети биле голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро.

    „Се отстрануваше на површина од 32.000 метри квадратни и отстранивме 6.500 метри кубни градежен шут. На две локации најдени беа цевки од фекалии кои директно се сливаа во Охридското Езеро. Едната со должина од 30 метри пред самата плажа, а другата од самиот тоалет на длабочина од 4 метри која беше избушена и фекалиите истекуваа од неа“, вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

    За експертите узурпацијата на езерото, односно навлегување во водата и нејзино користење како градежен терен води кон деградација како на живеалиштето, така и на големиот број живи организми населени во него. Д-р Орхидеја Тасевска, научна советничка и в.д. директорка на Хидробиолошкиот завод во Охрид, вели дека ваквиот начин на уредување на охридските плажи е во спротивност со Документот за номинација на Охрид во УНЕСКО како природна реткост.

    „Со градежните зафати на охридскиот брег се уништува неговата автохтоност, што е спротивно на номинацијата во која посебно се нагласува заштитата и зачувување на природните пејзажи и естетските вредности на брегот, заштитата на флората и фауната, на езерскиот екосистем, заштитата на водите од механичко, хемиско и биолошко загадување. Изградбата на платформи, шанкови, мостови и мовчиња не само што не се вклопуваат во правилата на УНЕСКО, туку се коси и со многу светски конвенции кои Македонија ги потпишала (Конвенција за пејзажна разновидност, Конвенција за заштита на биодиверзитетот и други), како и многу закони на Македонија“, вели Тасевска.

    Таа потенцире дека кајбрежната зона, од брегот па до длабочина од приближно 18-20 метри, е една од главните населени области на езерото. Токму затоа, ослободувањето на езерото од поставените платформи и несоодветниот материјал придонесува врз заштитата на екосистемот.

    „Во ниедна друга зона од езерското дно нема толку разновидност во однос на карактерот и изгледот на дното како во крајбрежната и од сите зони на езерското дно, литоралот е несомнено најбогат по бројот на видови растителни и животински организми. Секоја промена на условите во едно живеалиште или негова деградација, значително се одразуваат на животата заедница во него, влијаејќи врз нејзината бројност, животен циклус, а во најлош случај водат и до нејзино потполно исчезнување. Тоа повлекува реперкусии и врз езерото во целост, бидејќи екосистемот е бескрајно сложен, а во исто време и изразито динамичен систем на взаемно поврзани делови кои влијаат едни на други, директно или индиректно“, вели Тасевска и додава дека секоја промена на било која алка во сплетот на односи кои владеат во акватичниот екосистем, повлекува по себе промени во пространството на целиот екосистем.

    „Охридското Езеро од биолошки аспект е најзначаен стагнантен воден екосистем во Европа, ставен под заштита на УНЕСКО како Светско природно наследство. Секое непочитување на природните закони носи само краткотрајна корист, но далекусежни негативни последици по животната средина и губење на природните вредности. Човештвото треба да се стреми кон одржливо и рационално користење и управување со природните ресурси “, смета Тасевска.

    Општината по уривањето на платформите и довте обекти ги уреди плажите, засади нови садници дрвја, а беше посипан и автохтон песок. Се спроведоа и активности за чистење на дивата вегетација, се поставија нови контејнери, канти за отпад, времени тоалети и монтажни соблекувални. Плажите кои секојдневно се чистеа во две смени од комуналните служби.

    Туристите велат дека ваквиот концепт за слободно користење на плажите е далеку поприфатлив за нив, бидејќи со години им се наплаќало за влез, лежалки и паркинг.

    „Доаѓаме на одмор во Охрид неколку години со ред но оваа година навистина сме пријатно изненадени од хигиената на плажата но и од водата. Охридското Езеро никогаш не било почисто. Од друга страна, задоволни сме што не се наплаќаше паркинг, а и не бевме приморани да земаме лежалки. Ако некој сака може да оди на плажа каде има лежалки, секој може да избере“, вели повозрасен скопјанец.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира