Охриѓани се мобилизираа и започнаа акција за собирање компјутери, лаптопи и таблети за децата од социјално ранливите семејства кои немаат електронски уред за следење на онлајн наставата. Над сто ученици во Охрид и околината токму поради тоа се соочуваат со потешкотии за учење на далечина.
„Да се соберат што повеќе и да се помогне приоритетно онаму каде што е најпотребно, бидејќи има семејства со неколку деца каде ниедно дете нема лаптоп или компјутер, социјално зарозени случаи. Се надеваме дека навистина ќе помогнеме онаму каде што треба да се помогне“, вели Јован Цветкоски, тим лидер на иницијативата „5 до 12“.
Од таму велат дека интересот за донирање од граѓаните е голем, но ќе се бара поддршка и од големите компании во градот.
„Планираме акцијата да ја спроведеме заедно со Црвен крст, но секако ќе ги вклучиме и директорите, професорите и класните раководители на училиштата, бидејќи тие најдобро знаат на кого му е најпотребен компјутер“, вели Цветкоски.
Претходно. 50 социјално загрозени семејства добија таблети од Општина Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА