ОНА ШТО ОСТАНА ОД РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС ТРЕБА ДА СЕ СРУШИ, УТВРДИЛЕ НАДЛЕЖНИТЕ

    ОНА ШТО ОСТАНА ОД РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС ТРЕБА ДА СЕ СРУШИ, УТВРДИЛЕ НАДЛЕЖНИТЕРушењето на дел од зградата се случи на 17 јуни поради градежни активности (Фото: СДК.МК)

    Тоа што остана од зградата на Работничкиот универзитет во Велес треба да се сруши оти не е функционална, препорачала надлежната комисија при Општина Велес. Ова го соопшти Државното правобранителство по преземените дејствија, оти објектот е во државна сопственост.

    „Од Работничкиот универзитет ‘Благој Страчков‘ се останати околу две третини. Не може да се потврди во каква состојба е делот кој не се сруши од причина што постојат скриени оштетувања кои не можат да се лоцираат и да се предвидат поради староста на објектот. На него во различни временски периоди се преземени различни градежни дејствија. Нарушена е статичката стабилност на објектот и постојат подземни води поради што санацијата би била беспредметна, па Комисијата предлага објектот веднаш да се сруши целосно“, соопштија од Државното правобранителство.

    Рушењето на дел од зградата се случи на 17 јуни во попладневните часови. До тоа дојде откако инвеститор од соседството, кој имал одобрение за градба на куќа, но не и за рушење на истата, започнал со градежни активности. Притоа падна дел од објектот, кој бил изграден во 1920 и одолеал на бомбардирањата на Велес во 1941 и 1944.

    За да може да продолжи со работа, локалната власт му отстапи простории на универзитетот во некогашното ОУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

    Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка за рушењето. Градежен инспектор издал забрана за натамошни градежни активности, но и обврска за санација на земјиштето со потпорни ѕидови за да се заштитат околните куќи.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира