ОНИЕ КОИ ТРЕБА ДА СЕ РЕВАКЦИНИРААТ НЕ МОЖАТ ДА ДОЈДАТ НА РЕД ОД ГУЖВИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ВО ТЕТОВО

    ОНИЕ КОИ ТРЕБА ДА СЕ РЕВАКЦИНИРААТ НЕ МОЖАТ ДА ДОЈДАТ НА РЕД ОД ГУЖВИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ВО ТЕТОВОЛуѓето кои чекаат на ред не се придржуваат до мерките со што ризикуваат да се заразат ако некој од нив е позитивен на ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Во Регионалниот вакцинален пункт во Тетово, изминативе денови се забележуваат големи гужви од лица кои сакаат да се вакцинираат против ковид-19. Откако започна вакцинацијата без закажување термин, порасна и интересот за вакцинирање, па неретко се случува оние што треба да добијат втора доза од вакцината да не можат да дојдат на ред за вакцинација.

    Полицијата, војската и надлежните медицински лица не можат да воспостават ред пред вакциналниот пукнт, па нервозите и караниците меѓу тие што чекаат ред се честа појава. Според медицинските лица од вакциналниот пункт, ваквото неодговорно однесување на лицата што чекаат вакцина и нивното непочитување на заштитните мерки преставува сериозна опсност од контакт со евентуално заразен, а со тоа и понатамошно ширење на заразата. Во моментов, Тетово има 755 активни ковид билни и е на второ место по Скопје со 1053.

    „Луѓето кои чекаат на ред не се придржуваат до мерките, со што ризикуваат да се заразат ако некој од нив е позитивен на ковид-19. Се случува, овие што чекаат да не ги пуштаат да влезат лицата кои треба да примат втора доза. И ние и полицијата што е тука и војската која помага им укажуваме на ова, ама не помага. Додека процесот на вакцинација се одвиваше преку ‘Мој термин’ немаше вакви гужви, тие настанаа откако се започна со вакцинирање без закажан термин. Вака сега се чека и по неколку часови за вакцинација. Можеби треба да се размисли и да се врати системот на закажување за вакцинација“, вели д-р Александар Костески.

    До неодамна, Тетово беше критикуван дека е град со најголем број заразени, а воедно е град и со најмал број вакцинирани лица. Според последните податоци, интересот за вакцинирање нагло порасна па се очекува во наредните денови бројот на вакцинираните во Тетово да се доближи до просекот во државата.

    „Во моментов, заинтересираноста за вакцинација во вакциналниот пункт во Тетово е многу голема. Дневно со прва доза вакцина се вакцинираат од 1.200 до 1.300 граѓани, а за ревакцинација има од 600 до 700 лица. Освен ова, теренската вакцинација оди без проблем и сега се врши ревакцинација. За да се намалат гужвите кои деновиве се појавија на пунктот во Тетово, подготвуваме отворање на уште еден пункт кој ќе биде во Здравствениот дом во Тетово, но за тоа ќе треба да се договориме со Министерството за здравство. Процентот на нововакцинирани лица постојано се зголемува и ако се продолжи со оваа динамика мислам дека набрзо би го достигнале републичкиот просек во вакцинирање. Податоци за бројот на вакцинирани имаме до крајот на јули до кога се вакцинирани речиси 25.000 лица, но тој број до денес е многу поголем“, изјави Борислав Јоргачиески, директор на Здравствениот дом во Тетово.

    Според вчерашната статистика на Министерството за здравство, 32% од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина, а Тетово е во групата градови со опфат на вакцинирани со прва доза меѓу 20-30 отсто.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира