ОПОЗИЦИЈАТА ВО БИТОЛА ОБВИНУВА ЗА МАЛКУ ПАРИ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ОД ВЛАСТА ВЕЛАТ НЕ ИМ ТРЕБА МИЛИЈАРДАТА НА ТУПУРКОВСКИ

    ОПОЗИЦИЈАТА ВО БИТОЛА ОБВИНУВА ЗА МАЛКУ ПАРИ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ОД ВЛАСТА ВЕЛАТ НЕ ИМ ТРЕБА МИЛИЈАРДАТА НА ТУПУРКОВСКИОд независна советничка група Поинаку испратија и порака дека Битола како град кој сака да привлечете туристи не треба на официјалната интернет страница да става фотографии од искршена општина од последните протести. - Од денешната седница на Советот на Општина Битола (Фото: СДК.МК)

    Повеќе часовна кавга меѓу советниците во Општина Битола предизвика донесувањето на Програмата за животна средина за претстојната 2020 година. Според опозицијата срамно е во град со енормно загаден воздух да се носи програма со буџет од 5 милиони денари, а власта, пак, одговара дека не е потребна милијардата на Тупурковски за да се подобри состојбата зашто се преземаат мерки и надвор од оваа програма.

    „Наративно четиво без никаква временска рамка без финансиска конструкција колку пари за одделни проекти би се потрошиле, без капитални проекти, а пишува дека оваа програма ќе доведе од 30 до 50 проценти да се намали загадувањето во Битола. Имаме програма за професионални спортови со 30 милиони, а животна средина 5 милиони денари. Трета година со ред читам катастар на загадувачи, две години со ред никој не успеа да направи катастар“, рече Габриела Илиевска од Поинаку.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Општината в година ќе има буџет над две милијарди денари, а од нив само 0,25 проценти за Програмата за животна средина.

    Советниците од владејачката коалиција предводена од СДСМ рекоа дека оваа програма не е единствениот извор од каде во текот на годината се преземаат мерки за почиста животна средина.

    „Мониторинг, инспекција, јавна кампања тоа е нешто што е дел од секојдневното работење на Општина Битола и е воведено во сумата на главниот општински буџет. Има и други мерки. Во општина Битола според последниот попис има 23 000 семејства, а се субвенционираат 2500 инвертери преку државата и 500 од Општина Битола, тоа е бројка од 3000 инвертери или 3000 домаќинства што значи дека за 10 проценти ќе се намали бројот на семејства кои загадувале со огревно дрво. Во училиштето „Кирил и Методиј“ целосно ќе се менува системот за греење и не загадува. Не ни се потребни ветувања од милијарда евра, како милијардата на Васил Тупурковски чиј резултат го видовме, потребни се делувања со кои насвистина ќе имаат резултат сите граѓани“, рече Борче Корлевски, советник од СДСМ.

    Од независна советничка група Поинаку испратија и порака дека Битола како град кој сака да привлечете туристи не треба на официјалната интернет страница да става фотографии од искршена општина од последните протести, оти ќе ги одврателе туристите.

    Прозорците и дел од влезот беа искршени за време на протестот за чист воздух, на кој минатата недела повикаа членови од Поинаку, а потоа еден од организаторите беше повикан и на информативен разговор во полиција. Од власта возвратија дека секој треба да си одговара за постапките.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира