Општина Аеродром вели дека ги презела сите активности и постапки во рамки на законските надлежности во врска со ќебапчилница која се наоѓа во деловен објект во приземјето во зграда на булевар Јане Сандански, а за која поради поради несоодветно изградена вентилација две години жителите живеат во страв дека ќе се запали се плашат и дека зградата ќе се дигне во воздух поради користење плински боци за готвење храна.
Во документацијата добиена преку алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, жителите велат дека пријавуваат кај сите надлежни институции, но никој не реагира. По двегодишни преписки со сите можни институции и пријавувања по медиуми, велат дека сега помош ќе бараат од Делегацијата на Европската унија во Скопје и амбасадите на САД и Германија.
Во реакцијата по текстот „Станари во скопски Аеродром бараат помош од ЕУ и САД оти стравуваат дека зградата ќе се дигне во воздух од плински боци на ќебапчилница, а сите македонски институции велат дека се ненадлежни“, Општина Аеродром вели дека се иницирани целосни инспекциски постапки.
„Инспекција се води од страна на овластен градежен инспектор, инспектор за домување, комунален инспектор и инспектор за животна средина и притоа станарите од зградата што го пријавиле случајот се навремено известени за секоја постапка. Постои законски поддржан елаборат и надзор – Правниот субјект „БИМ МАКС ДООЕЛ“ има добиено Решение за одобрување на Елаборат за заштита на животна средина (број УП1 17 24/2023, од 12 мај 2023), според кое е спроведен инспекциски надзор. Притоа е утврдено дека субјектот ги испочитувал сите законски мерки и прописи. Системот за прочистување ги исполнува техничките стандарди – Во елаборатот е опишан современ филтерски систем „Filtro System“ од 10 фази, наменет за прочистување на отпадните гасови и миризби од угостителската дејност. Градежната постапка е привремено прекината поради судски спор – Подоцна воспоставената постапка од градежниот инспектор е прекината во согласност член 95 од Законот за општа управна постапка и ќе продолжи откако надлежниот суд ќе одлучи по соодветното правно прашање“, се вели во реакцијата на Општина Аердором.
Во текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК се цитира в. д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески, кој ни изјави дека Општината во неколку наврати извршила инспекции за посочената локација по пријави на граѓани. Било констатирано дека се исполнети сите услови за работа. Тој ни достави и документи од записниците на инспекторите во Општината, во кои се наведува дека не се регистрирани нерегуларности.
„Во однос на летната тераса, Град Скопје најпрво му издал решение, односно го одобрил елаборатот за летна тераса на објектот, а потоа го повлекол. Воден е судски спор пред Управен суд, кој сопственикот на објектот го добил“, додава Митески.
Станарите велат дека „станува збор за угостителски објект во кој се готви храна и треба да се исполнат посебни законски услови и мерки за безбедност и противпожарна заштита, како и посебни канали за вентилација и одвод на заситени издувни гасови“.
Тие велат дека после трагедијата во Кочани, кога изгоре нелегална дискотека и однесе 62 животи, не можат мирно да спијат од страв од можен пожар и не се сигурни дека ќебапчилницата ги има сите елаборати за адаптација на просторот.