Со денешниот ребаланс на буџетот, Општина Битола издвои над 7,8 милиони денари или 120.000 евра за да се набават компјутери и силна интернет врска за сите наставници и професори да можат онлајн настава да држат од основните и средните училишта во градот. Исто така, за сите училишта набавени се и бесконтактни топломери.
„Со ова даваме целокупна поддршка за успешен почеток на учебната година во овие околности , а тоа е уште една потврда за добрата кондиција на буџетот на Општината. Имајќи ги предвид спецификите во кои се наоѓаме, дури и таму каде што ќе има физичко присуство мора да има и варијанта за онлајн настава, зашто еден заболен ученик во една училница би значело автоматски изолација на останатите односно следење на настава онлајн“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола, изјави дека ќе биде обезбеден по еден компјутер за секоја учлилница во која ќе можат наставниците и професорите да држат онлајн настава со децата.
„Тоа ќе значи солидна интернет врска за непречено да се одвива овој процес. Средствата ќе бидат префрлени кон училиштата за да ги набават компјутерите“, рече Груевски.
Од десет основни училишта во централното градско подрачје и две во руралните средини барања за изведување настава со физичко присуство доставиле половина, односно шест. Тоа се училиштата„ Трифун Пановски“, „Ѓорги Сугарев“, „Елпида Караманди“, „Коле Канински“ во Битола, „Александар Турунџев“ во Кукуречани и „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица.
Од шест општински средни учишта, само гимназијата „Таки Даскало“ и земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“ поднеле барање цела настава да ја изведуваат со физичко присуство. Медицинското и Техничкото училиште со физичко присуства бараат да ја изведуваат практичната настава, а гимназијата „Јосип Броз-Тито“, каде училниците се тесни, само спортските активности. Барањата ќе бидат испратени до Комисијата во Министерството за здравство која ќе одлучува по нив.
Ж. ЗДРАВКОВСКА