ОПШТИНА БИТОЛА ЈА ОДЗЕДЕ СОПСТВЕНОСТА ЗА ДОМОТ „КОПАНКИ“ И ЈА ПРЕНЕСЕ НА ДРЖАВАТА

    ОПШТИНА БИТОЛА ЈА ОДЗЕДЕ СОПСТВЕНОСТА ЗА ДОМОТ „КОПАНКИ“ И ЈА ПРЕНЕСЕ НА ДРЖАВАТАПланинарскиот дом „Копанки“ изгоре пред шест години и потоа почна да се обновува со донации (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола донесе решение со кое ја одзеде сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер од планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ и ја пренесе на државата.

    Од Општината соопштија дека за делумно ништовно се огласува решението кое беше донесено во 2015 година, со кое објектот беше легализиран и сопственоста му беше дадена на ПСК „Пелистер“. Легализацијата не се укинува, а сега како сопственик на објектот е запишана Република Северна Македонија. По ова, Општина Битола има право од државата да го побара домот и да стопанисува со него.

    Планинарскиот дом изгоре пред шест години. Општина Битола лани побара од ПСК „Пелистер“ да ѝ го отстапи планинарскиот дом „Копанки“ за да може да изврши целосна реконструкција. Од Општината тогаш рекоа дека законски не можат да реновираат објект каде стопроцентен сопственик е друго правно лице.

    Од ПСК „Пелистер“ одбија, одговарајќи дека според статутот на Здужението не смеат да отуѓуваат имот. По ова, членови на Здружението излегоа на терен и почнаа со донации да го обновуваат домот. Досега имаат ставено плоча на дел од првиот кат, но работа има уште многу.

    Претседателот на ПСК „Пелистер“ Димче Попов изјави дека му стигнало решението и дека го препратил до претседателството на Здружението за да го разгледаат детаљно и да видат што можат да преземат.

    „Во која било држава од оние кон кои се стремите да стигнеме некое планинарско друштво да изразеше желба да гради објект, ќе му помогнеа, а нас нѐ стопираат. Ова што го правевме беше за општо добро и подобро ќе беше да ни кажаа зошто нè стопират, отколку вака да добиваме решенија“, рече Попов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари