ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ АПЛИЦИРА ЗА НОВ ЗАЕМ ЗА ИЗГРАДБА НА УЛИЦИ ВО КАСАРНАТА

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ АПЛИЦИРА ЗА НОВ ЗАЕМ ЗА ИЗГРАДБА НА УЛИЦИ ВО КАСАРНАТАКасарната требаше да биде изградена како модерна населба, а владее хаос, просторот е неурбанизиран, депонии на секој чекор, слободно се шетаат домашни животни и преку ноќ никнуваат диви објекти (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола планира да аплицира за нов заем преку Светска банка и Министерството за финансии за изградба на уште две улици во битолската касарна. Од Советот велат дека засега се работи само за апликација со која изразуваат намера за подигање заем и дека уште е далеку од реализација, па не може да се каже сума.

    Преадаптацијата на касарната во модерна населба беше еден од главните проект на претходната локална власт. Тогаш парите од комуналиите ги потрошија за изградба на индустриската зона „Жабени“, па мораа пред три години да подигнат кредит од 2,5 милиони евра од Светска банка за да градат улици во касарната.

    Новата локална власт ја наследи касарната неизградена, со распродадени парцели каде се подигнати згради, а сопствениците на плацевите за куќи чекаа да им се направат патишта за да почнат со градба. Таму сега на големо се гради инфраструктура.

    „На последната седница на Советот, владејачкото мнозинство донесе одлука Општина Битола да аплицира за нов кредит, кој ќе биде наменет за изградба на улици во тој дел од градот. Таму владее хаос. Просторот е неурбанизиран, депонии на секој чекор, а старите објекти дополнително ја нагрдуваат сликата. Во последно време таму слободно се шетаат домашни животни, а сведоци сме како преку ноќ никнуваат диви објекти, ако тие воопшто може да се наречат објекти, во кои живее ромско население. Накратко речено, сметам дека со поставувањето асфалт се има желба да се остави впечаток кај граѓаните дека се гради некаква ‘елитна’ населба, а вистината е сосема поинаква“, вели Габриела Илиевска од независната советничка група Поинаку.

    Сепак, за разлика од порано кога битолчани кои купија станови во новите згради немаа улици каде да газат, сега инфраструктурно касарната на големо се гради. Од Општина Битола најавија дека до крајот на годината ќе се изградат 14 улици (Фото: СДК.МК)

    Урбанизацијата на касарната подолго време предизвикува негодување кај битолчани кои критикуваат дека се шири асфалтот на сметка на зелените површини. Околу населбата има куќи во кои се одгледува стока, па газдите ја пуштаат на испаша околу. Така покрај модерните станбени згради и факултети денес можат да се видат и булуци со кози и стада овци.

    Сепак, за разлика од порано кога битолчани кои купија станови во новите згради немаа улици каде да газат, сега инфраструктурно касарната на големо се гради. Од Општина Битола најавија дека до крајот на годината ќе се изградат 14 улици.

    „Динамиката се следи секојдневно и побарано е од изведувачот да ги зголеми градежните активности со повеќе екипи, кое вроди со плод. Улиците се финишираат и речиси сите се во завршна фаза. Во периодот од една година Општина Битола успеа да се завршат скоро сите улици кои им беа неопходни на граѓаните кои веќе живеат во објектите во АРМ 1 и во дел од АРМ 2, а за кои Општина Битола доби и тужби поради неизградена инфраструктура и веќе платени комуналии. Од октомври 2017 година до истиот месец годинава, фактурирани се над 44милиони денари од вкупно досега реализираните над 80 милиони денари“, велат од Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира