ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ПРАВИ НЕЗАВИСНИ ИСПИТУВАЊА НА АСФАЛТОТ КОЈ НА ТЕРЕН ПУКА, А ДОБИВА ИЗВЕШТАИ ОД АКРЕДИТИРАНИ ЛАБОРАТОРИИ ДЕКА Е ДОБАР

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ПРАВИ НЕЗАВИСНИ ИСПИТУВАЊА НА АСФАЛТОТ КОЈ НА ТЕРЕН ПУКА, А ДОБИВА ИЗВЕШТАИ ОД АКРЕДИТИРАНИ ЛАБОРАТОРИИ ДЕКА Е ДОБАРПоследниве месеци распука асфалтот на неколку новореконструирани коловози. (Фото: СДК.МК)

    Добиваме извештаи од акредитирани лаборатории дека асфалтот што се тура на реконструираните улици е добар, а на терен се гледа дека нешто не е е во ред, рече на комисиска расправа Маријана Спасевска, раководителка на Одделението за комунални дејности и уредување на градежно зејиште при Општина Битола. Општина Битола, со раблансот на буџетот кој пред советниците на гласање ќе биде на 14 јули, меѓу другото бара и издвојување половина милион денари (над 8.100) евра за изработка на независни лабораториски испитувања на улици каде ќе се појави проблем со асфлтот.

    Во изминатиот период имаше повеќе случаи во кои по асфалтирање на реконструирани коловози се јавуваа проблеми со изведбата. По неполн месец од асфалтирањето распука улицата Бурса, за два месеца се деформираше и асфалтот на кружниот тек кај старата Ветеринарна станица во Битола, дел од асфалтот на улицата Стив Наумов беше раскопан и повторно преасфалтиран. Преасфалтирана беше и улицата кај трговскиот центар „Блис“ поради оштетувања. Откако беше турен асфалтот на новите велосипедски патеки на неколку места имаше интервенции.

    Спасевска на Комисијата за јавни и комунални дејности рече дека фирмите кои се избираат на тендер скоро никогаш немааат своја асфалтна база, па склучуваат договор со економски оператор од каде ќе набавуваат асфалт. Асфалтната база треба во моментот кога го предава асфалтот на изведувачот да достави лабораториски извештај за квалитетот. Потоа и изведувачот кога ќе го вгради е должен да земе примероци од одредени места и ангажира друга лабораторија за да ги испита. Во Општината ги добиваат двете анализи кои покажуваат дека асфалтот е добар, но се случува на терен сликаат да е поинаква.

    „Овие средства се предвидени за да можеме ние како Општина, независно од она што го добиваме како извештај од изведувачот и потврдено од надзорот, да го провериме дали тоа е така. Добиваме позитивни извештаи, а она што се случуваше, да кажам во замав е земено на повеќе улици за кои бараме корекции, преасфалтирање. Изведувачите велат асфалтот е во ред, а народот ќе рече не треба извештај, дупки има на терен. За да имаме механизам како да се справиме со ваквите појави, побаравме средства за се направат анлизи онаму каде што ќе има потреба’, рече Спасевска.

    Градоначалникот Тони Коњановски рече дека ваква експертиза од независна лабораторија веќе е побарана за асфалтот на улицата Бурса, а постапката ќе важи и за други слични ситуации.

    „Овие проекти треба некој да го работи. Факт е дека во државата не постои толкава сила и капацитет на претпријатијата да го изведат сето тоа. На тој план ќе треба и тие да преземат нешто, да се засилат и со кадар, и во опрема, и во стручност. Мора и во таа насока да се движиме ако сакаме развој, инфраструктурата е приоритет“, рече Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира