ОПШТИНА БИТОЛА ВГОДИНА ЌЕ КУПИ ТРИ НОВИ ВОЗИЛА ОТИ ВОЗНИОТ ПАРК Е ЗАСТАРЕН

    ОПШТИНА БИТОЛА ВГОДИНА ЌЕ КУПИ ТРИ НОВИ ВОЗИЛА ОТИ ВОЗНИОТ ПАРК Е ЗАСТАРЕН50.000 евра ќе чини набавката на 3 нови возила за Општината. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола предвиде три милиони денари (околу 50.000 евра) за набавка на три нови возила, а планираната набавка ја оправдува со застареноста на возниот парк.

    „Општина Битола располага со застарен возен парк и возила кои се во лоша состојба, поради што во последните две години често се случувало општинските возила од службен пат до другите градови низ државата да се враќаат во Битола со шлеп служба. Тоа значи дополнителни трошоци, незавршување на работните обврски и изложување на животна опасност на вработените во Општината. Токму од тие причини, во буџетот за 2022 година предвидовме 3.000.000 денари за набавка на 3 нови возила, со кои ќе се избегнат досегашните трошоци и ризици, а обврските каде е потребно патување во друг град или општина навремено ќе се завршуваат“, соопштија од Општината.

    Советникот од опозиционата СДСМ Петар Николовски, обвини дека Општината не издвои средства за субвенционирање клима уреди, но најде пари за возила.

    „Пред неколку дена во Општината пристигнаа две нови возила и сега општинската администрација има на располагање вкупно 7 нови возила “, рече Николовски.

    Од Општината одговорија дека претходната локална самоуправа четири нови возила ги отстапила на новооснованото меѓуопштинско јавно претпријатие „Пелалинк“, кое се̍ уште не е функционално. Петтото возило кое го добила Општината е наменето за лица со посебни потреби, а двете возила, набавени преку друг проект, се наменети за потребите на спортистите, лицата со посебни потреби и за организирање на туристички тури.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира