ОПШТИНА ЧАИР ПО ВТОР ПАТ РАСПИША ТЕНДЕР ЗА ФИРМА КОЈА ЌЕ ЈА УРНЕ ДИВОГРАДБАТА КАЈ „МАВРОВКА“

    ОПШТИНА ЧАИР ПО ВТОР ПАТ РАСПИША ТЕНДЕР ЗА ФИРМА КОЈА ЌЕ ЈА УРНЕ ДИВОГРАДБАТА КАЈ „МАВРОВКА“Кој ја гради дивоградбата кај „Мавровка“ сѐ уште не се знае.(Фото: К. Попов)

    Општина Чаир денеска објави нов тендер за отстранување на бесправно изградени објекти. Откако на првиот повик не стигна ниту една понуда, Општината по втор пат бара фирма за да може да се урне дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“ во центарот на Скопје.

    Рокот на доставување на понудите е до 13 август четврток, во 12 часот.

    Од Општина Чаир вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека се зачудени оти на првиот тендер никој не доставил понуда и апелираат што повеќе фирми да аплицираат на тендерот за да можат да го остранат нелегалниот објект.

    Кој ја гради дивоградбата кај „Мавровка“ сѐ уште не се знае. Откако на терен излегоа инспектори од Град Скопје, Државниот инспекторат и полицијата, градоначалникот Висар Ганиу на 23 јули одржа прес-конференција на која кажа дека Општината донела решение за уривање на објектот, бидејќи општинските инспектори констатирале дека се гради без дозвола.  Но на градилиштето имало само работници и никој не презел одговорност дека е инвеститор. Затоа, Општината решението за уривање до непознат сторител го објави во Службен весник.

    Дивоградбата пред „Мавровка“ се гради на местото на кафулето „Фонтана“, кое изгоре во пожар пред два и пол месеци.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари