Општина Куманово од денеска воведува услуга за асистенција на болни и изнемоштени граѓани, односно ќе им помога да се снабдат со потребните прехранбени продукти и лекови, за да не излегуваат од дома и да се изложуваат на опаснот од зараза со коронавирусот.
Во Куманово нема заразени од коронавирус, а со автобусот од Италија со кој допатуваа првите заразени во Дебар, патувале и неколку лица кои се симнале на автобуската станица во Куманово.
„Сите граѓани кои имаат потреба од ваков вид помош можат да се јават на телефонските броеви 075/207-126 и 077/719-494, по што дежурен тим од Општината ќе ги посети. Во најблискиот маркет или аптека ќе се набават и достават бараните производи, за кои самите граѓани ќе си ги покријат трошоците“, велат од Општина Куманово.
Денеска ќе функционира еден тим, а од утре во соработка со Црвен крст ќе се организраат повеќе екипи кои ќе го покријат целото подрачје на општината и ќе им помогнат на сите кои имаат здравствени проблеми и живеат сами.
Општината Куманово досега постапува по сите препораки на Владата за заштита и справување со коронавирусот. Од петок го укина редовното работење со странки и воведе електронска комуникација, го редуцираше јавниот линиски превоз и нареди дезинфекција на сите автобуси во градскиот превоз. Како една од мерките во текот на изминатите два дена е миењето на улиците во градот.
Од Општината апелират до граѓаните да ги почитуваат препораките и законските одредби на Владата, како и препораките дадени од Општината, да се однесувааат одговорно кон своето здравје и кон здравјето на сите во заедницата.
С. НИКОЛИЌ