Петмина истакнати кумановци, кои лани го добија највиското општинско признание 11 Ноември, уште чекаат Општина Куманово да им ги исплати парите од наградата. Ноемвриската награда за поединечни заслуги за 2022 година ја добија академик Витомир Митевски, д-р Зоран Ѓорѓиевски, академскиот сликар Синиша Кашавелски, просветниот работник Садри Акифи и пожарникарот Сашо Илиевски, кои покрај дипломи требаше да ја поделат и паричната награда од 100.000 денари. Наградите им беа доделени на свечена седница по повод 11 Ноември, Денот на ослободување на Куманово од фашистичкиот окупатор.
Иако станува збор за по 20.000 денари, Општината речиси една година не си ја исполнила обврската. Добитниците кои ги контактиравме велат дека воопшто не им се важни парите кои треба да ги добијат, туку не им се допаѓа односот на надлежните. Тие се чудат како можеле да ги заборават кога самите одбрале да ги наградат.
„Точно е дека не ни се исплатени парите, навистина не знам од кои причини, а и немаме никакво образложение од Општината. Не се битни средствата, навредува односот кон признанието. Еве нека кажат: ‘Ви дадовме дипломи, го признавме вашиот труд и толку’. Вака срамота, помина една година. Се удираат гради дека имаат полна каса. Не се големи пари, но ако се наменети за наградените треба да се испочитува одлуката“, вели д-р Ѓорѓиевски, хирург во Општа болница Куманово.
Од Општина Куманово потврдија дека уште не се исплатени средствата на минатогодишните добитници на Ноемвриската награда, затоа што е направен пропуст при комплетирањето на документацијата, но дека исплатата ќе се изврши наскоро.
„Парите ќе им бидат исплатени заедно со годинешниве добитници, бидејќи тоа е во скоро време. Направен е пропуст и ќе се поправи“, велат од Општина Куманово.
Општина Куманово минатата недела го објави повикот за пријавување на кандидати за доделување на Ноемвриската награда за оваа година и рокот за пријавување трае до 31 октомври. Наградата се доделува на истакнати поединци, претпријатија, организации, здруженија и заедници, кои имаат постигнати посебни резултати во работењето и делувањето во области на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период. Само поединечните награди се парични.
С. НИКОЛИЌ