ОПШТИНА КУМАНОВО ПАК ОСТАНА БЕЗ ИНГЕРЕНЦИИ ЗА ИЗБОР НА ДИРЕКТОР НА ГРАДИНКА

    ОПШТИНА КУМАНОВО ПАК ОСТАНА БЕЗ ИНГЕРЕНЦИИ ЗА ИЗБОР НА ДИРЕКТОР НА ГРАДИНКАБорбата за директорското место во кумановската градинка е помеѓу локалната власт на Димитриевски и неговите политички опоненти и поранешни сопартијци од СДСМ, кои имаат власт на централно ниво. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за труд и социјална политика (МТСП), повторно ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски за назначување на директор во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово.

    „Во текот на вчерашниот ден до Општина Куманово пристигна решение од Министерството за труд и социјална политика на коешто е потпишана ресорната министерка дека се одземаат ингеренциите на Општина Куманово за поставување и разрешување на директор во градинката „Ангел Шајче“ и исто така за поставување и разрешување на в. д. директор во оваа институција. Искрено сум разочаран, со ова решение се потврди дека историјата се повторува. Оваа централна власт не се согласува со неистомислениците, секогаш мора да се работи по нивен диктат и ова е најгрубо кршење на децентрализацијата во државата“, изјави Димитриевски.

    Тој вели дека со решението се потврдуваат неговите сомнежи дека министерството спротивно на статутот на градинката сака незаконски да ја постави на функцијата досегашната директорка, која 20 години е на чело на институцијата.

    „Општината нема да застане, ќе ги искористиме сите правни средства, истото решение ќе го обжалиме пред надлежен суд и ќе ја водиме нашата борба во делот на поголема децентрализација, бидејќи сметаме дека оваа јавна институција заслужува да има подеднаков третман како и останатите и да излезе од партиските пранги кои во моментот сè се поцврсти“, изјави Димитриевски.

    МТСП на Општина Куманово во делот на назначување на директор на градинката и ги одзема ингеренциите по третпат. Прво пред 4 години при назначување на директорка која и сега е кададат, а потоа и пред два месеци кога требаше да се распише конкурсот, но по три дена и ги врати.

    Градоначалникот пред два дена обвини дека се врши невиден притисок врз локалната самоуправа, во незаконска постапка да го го прифати предлогот на Управниот одбор, и на функцијата да остане досегашната директорка, која според него не ги исполнува условите. Тој тврди дека кандидатката на Управниот одбор не ги исполнува условите, бидејќи 20 години последователно е директорка на установата, а согласно член 37 од Статутот на градинката, нема право на повторен избор пред истек на четири години од последниот избор, а исполнува и услови за пензија.

    Борбата за директорското место во кумановската градинка е помеѓу локалната власт на Димитриевски и неговите политички опоненти и поранешни сопартијци од СДСМ, кои имаат власт на централно ниво.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира