ОПШТИНА НОВАЦИ НАБАВИ СВОИ ВОЗИЛА ЗА УЧЕНИЦИТЕ, ЌЕ НЕМА ПРОБЛЕМИ СО БЕСПЛАТНИОТ ПРЕВОЗ

    ОПШТИНА НОВАЦИ НАБАВИ СВОИ ВОЗИЛА ЗА УЧЕНИЦИТЕ, ЌЕ НЕМА ПРОБЛЕМИ СО БЕСПЛАТНИОТ ПРЕВОЗОпштината набави минибус со 30 седишта и комбе со 9 седишта за превоз на учениците до централното основно училиште во Новаци кои доаѓаат од петто до деветто одделение и таму следат настава. (Фото: СДК.МК)

    Ако почне настава со физичко присуство, Општина Новаци веќе ќе нема проблеми со бесплатниот ученички превоз оти набави минибус со 30 седишта и комбе со 9 седишта за превоз на учениците. Новите возила се купени со финансиска помош на Бирото за рамномерен регионален развој и Министерство за локална самоуправа од 4,2 милиони денари преку проект на Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион и средства од буџетот на Општина Новаци од 2,5 милиони денари.

    „Со овие возила ние ќе ги пренесуваме учениците до централното основно училиште во Новаци кои доаѓаат од петто до деветто одделение и следат настава во Новаци. Повеќе ќе немаме проблеми со превозот, затоа што често се случуваше по неколку часа учениците да чекаат превоз поради зафатеност на приватните превозници или дефект, но и од други причини. Покрај овие две возила, имаме уште други две комбиња кои ги вклучуваме во превозот на учениците и еден автомобил, така што се надевам дека оваа година со почетокот на учебната година ќе нема никаков проблем за превозот на учениците од основното образование“, вели градоначалникот Љубе Кузманоски.

    Новаци заедно со општините Битола и Могила ќе формираат заедничко меѓуопштинско јавно претпријатие за јавен превоз со што ќе добијат лиценца за превоз на патници, а дополнително ќе се воведат и нови линии до населени места кои сега не се опфатени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира