ОПШТИНА ОХРИД ДА НЕ ДОЗВОЛИ НОВИ ЛАГАДИНИ, ВЕЛАТ ОД ОХРИД СОС

    ОПШТИНА ОХРИД ДА НЕ ДОЗВОЛИ НОВИ ЛАГАДИНИ, ВЕЛАТ ОД ОХРИД СОСОхрид СОС ѝ посочи на локалната власт што ќе се случи со Охрид ако се дозволи легализација на дивоградби во Охридско (Фото: Охрид СОС)

    По вчерашното соопштение на локалната власт, во кое се вели дека таа држи до законот, а во врска со барањето на Охрид СОС од следната седница на Градскиот совет да се повлечат точките за легализација на дивоградби во Охридско, денеска оваа невладина организација повторно се огласи. Тие констатираат дека Општината во својата реакција никаде не го спомнува УНЕСКО и не се произнесе по неколкуте аргументи дека делува во спротивност со препораките на оваа организација.

    „Звучи како за Општина Охрид да има само еден важечки закон, и тоа оној кој треба да озакони беззаконие. Зошто Општина Охрид не се повика на Законот за води, кој забранува урбанизација во заштитениот крајбрежен појас и зошто појасот го викате ‘заштитен‘? УНЕСКО посебно го нагласи почитувањето на оваа законска одредба во извештајот на реактивната мисија. Да ја потсетиме локалната власт која доаѓа од редовите на СДСМ дека жестоко се противеше кога во 2015 година ВМРО-ДПМНЕ во парламентот протурка законски измени на Законот за легализација на бесправно изградените објекти. Истиот закон овозможи легализација на стотици објекти низ Македонија, од кои голем дел на охридското крајбрежје и ја укина неопходноста од мислење на Министерството за животна средина. Не би сакале да помислиме дека локалната власт на државно земјиште сака да легализира приватни објекти, како што му се дозволи на инвеститорот на нелегалниот хотел во Лагадин”, потсетуваат од оваа невладина организација.

    Охрид СОС вели дека Општината има многу закони за читање.

    „Што е со Законот за Охридско Езеро, Законот за заштита на природата, Законот за води, Законот за животна средина, Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, потоа Конвенцијата за светско наследство, Конвенцијата за биолошка разновидност? Знае ли Општината дека има обврска да го спречи забрзаниот процес на деградација на водите на Охридско Езеро? Колку пријави и разврски има за потпалувањето на трската? Што е со овие закони?”, прашуваат од Охрид СОС.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари