ОПШТИНА СТРУГА НАЈАВУВА АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ ДИВИ ДЕПОНИИ И КАЗНИ ЗА ЗАГАДУВАЧИТЕ

    ОПШТИНА СТРУГА НАЈАВУВА АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ ДИВИ ДЕПОНИИ И КАЗНИ ЗА ЗАГАДУВАЧИТЕОпштината ги лоцира местата каде секојдневно никнуваат диви депонии, а најкритично е на патот према Калишта. (Архивска фотографија)

    Општина Струга испрати известување до граѓаните да ги исчистат приватините имоти од натрупаниот отпад, во спротивно Општината ќе го крене отпадот и ќе им наплати за услугата. На терен се и инспекторите, кои најавија високи казни и одземање на возилата ако затекнат одлагање на градежен и друг вид отпад на повеќе локации каде постојано никнуваат диви депонии.

    „Со цел да се минимизираат тие негативни влијанија ги имаме лоцирано сите парцели кои што се критични. Пуштени се дописи до сопствениците, но проблем е што поголемиот дел од нив не се присутни во земјава“, вели Митко Коркутоски, раководител на Одделението за животна средина.

    Според Коркутоски, главен проблем е ниската еколошка свест кај населението, па на критичните места ќе се постават едукативни табли за чиста животна средина.

    Општината ги лоцира местата каде секојдневно никнуваат диви депонии, а најкритично е на патот према Калишта. Големи количини отпад има и пред влезот на Струга, но и на самиот брег од Езерото. Јавното комунално претпријатие со чести акции се справува со неправилно одложениот отпад, но купиштата ѓубре и понатака се секојдневна слика во Струга.

    „Донесовме одлука сите инспектори да се на терен, бараме да се пронајдат сторителите и ќе следуваат и казни, а доколку не го отстранат шутот тоа ќе го направи Општината, но ќе бара да им се наплати на несовесните граѓани“, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира