ОПШТИНА ТЕТОВО САКА ЛЕТОВО ГЛАВНАТА УЛИЦА ДА ЈА ПРЕТВОРИ ВО КОРЗО НА ДИЈАСПОРАТА, НО ПОЛИЦИЈАТА НЕ ДОЗВОЛУВА

    ОПШТИНА ТЕТОВО САКА ЛЕТОВО ГЛАВНАТА УЛИЦА ДА ЈА ПРЕТВОРИ ВО КОРЗО НА ДИЈАСПОРАТА, НО ПОЛИЦИЈАТА НЕ ДОЗВОЛУВА Општината бара до 31 август булеварот Маршал Тито да биде шеталиште во времето од 20 до 1 часот. (Фото: СДК.МК)

    Од локалната самоуправа на Тетово се револтирани зошто полицијата не дозволува една од главните улици во градот да се претвори во шеталиште, односно од 20 па до 1 часот по полноќ да биде затворена за сообраќај и да биде корзо. Оваа идеја била планирана да се спроведе во рамки на престојното Тетовското културно лето, а корзото да се вика „Шеталиште на дијаспората”, како гест кон бројните наши иселеници кои во летниот период доаѓаат во родниот крај. Ова шеталиште би се протегало на дел од булеварот Илирија, односно Маршал Тито, од градскиот плоштад па сé до кружниот тек кај Зелениот пазар.

    „Она што изненадува е фактот што и покрај сите прелиминарни консултации и усни одобренија од претставници на МВР и законски обврски, одговорот е негативен. Ова што го направивте не е удар за нас како раководство, туку удар за народот, за бизнисите, за нашите иселеници кои го чекаат летото за да нè посетат, а не да бидат сведоци на задоволување на нечии ниски политички страсти”, изјави на прес-конференција Бесар Дурмиши од Комисијата за Тетовско културно лето.

    Од СВР Тетово соопштија дека според Законот за безбедност во сообраќајот не може во толку долг рок да се изврши пренамена на булеварот за други потреби.

    „Во врска со барањето на Општина Тетово за измена на сообраќајниот режим на дел од булеварот Маршал Тито во Тетово во периодот од први јули до 31 август годинава, и за пренамена на овој булевар во шеталиште во времето од 20 до 1 часот по полноќ, МВР-СВР Тетово информира дека не го прифаќа, односно го одбива ова барање и нема да го одобри истото, а за што ќе изготви и соодветно решение кое ќе биде испратено до барателот. Согласно член 347 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, објектите наменети за сообраќај (патишта, улици и друго) не можат да се пренаменат за други потреби и особено не толку долго време“, се вели во соопштението на СВР Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира