ОПШТИНА ТЕТОВО ВО НОВАТА ГОДИНА ВЛЕГУВА СО БУЏЕТСКА ДУПКА ОД 530 ИЛЈАДИ ЕВРА

    ОПШТИНА ТЕТОВО ВО НОВАТА ГОДИНА ВЛЕГУВА СО БУЏЕТСКА ДУПКА ОД 530 ИЛЈАДИ ЕВРАБуџетската дупка општината ќе ја покрива преку кредити во висина од 28 милиони денари, а остатокот преку подобрено и поефикасно работење на општината. - Од денешната седница на Советот на Општина Тетово (Фото: СДК.МК)

    На својата 4. седница и последна во оваа година, Советот на Општина Тетово го усвои буџетот за 2022 година. Тој ќе изнесува една милијарда 623 милиони и 769 илјади денари, но за предвидените активности на општината недостасуваат 33 милиони денари.

    Оваа буџетска дупка општината ќе ја покрива преку кредити во висина од 28 милиони денари, а остатокот преку подобрено и поефикасно работење на општината.

    „Овој буџет не е развоен. Овој буџет не ги рефлектира моите програмски определби бидејќи имаме законска рамка која не ни овозможува да предвидуваме тоа што ние би сакале да биде предвидено во делот на капиталните инвестиции. Според оваа законска рамка, буџетот може да биде просек од реализацијата на последните три години, а кои беа катастрофално лоши во делот на прибирање на изворните приходи. Според податоците кои ги добив Општината должи 24 милиони евра и за дел од овие долгови веќе разговара со компаниите кон кои должи општината и ќе се направи репрограмирање на долгот за тој да се плати во наредните 4 години“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Тој истакна дека сега во општинската администрација се само оние лица кои се во постојан работен однос и дека сите кои биле до договори за дело им се раскинати договорите. Најави дека во наредната година ќе има вработувања но тоа ќе биде минимален број околу 15-тина и тоа само на стручни лица неопходни за изработка на ДУП-овите и за процесот на легализација.

    „За нив е предвиден минимален буџет само за да се следат овие неопходни работи. Во минатиот буџет имаше околу 400 договори за дело за кои од тогашниот буџет беа издвоени 54 милиони денари, а со овој буџет што го донесовме таа ставка е сведена само на 7 милиони денари“, додаде градоначалникот Касами.

    Касами најави дека во текот на наредната ќе се направи ребаланс на буџетот во кој ќе се додадат оние предлози и проекти кои не влегле во буџетот кој денес беше усвоен.

    З.АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира