Сметката на Општина Центар две недели била блокирана за 1,5 милиони евра, поради договорот кој го раскина поранешниот градоначалникот Андреј Жерновски за изградба на катната гаража кај зградата на поранешна „Нова Македонија“. Откако Жерновски го раскинал договорот, фирмата изведувач ГП „Пелагонија Гостивар“ со која неговиот претходник Владимир Тодоровиќ го склучи договорот за изградба на гаражата, ја тужела Општина и го добила спорот.
Со правосилна судска одлука од сметката на Општина Центар симнати се 96 милиони денари, поради што до пред една недела сметката била блoкирана и имало застој во исплатата на обврските, а уште не се исплатените платите на комуналните работинци кои ја чистат општината.
Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека сега сметката е одблокирана и во наредните денови работниците ќе бидат исплатени.
„Симнати се 96 милиони денари, што е многу пари, со тие пари ќе изградевме нова градинка. Сметката е одблокирана, кредитниот лимит ни се одобри и во наредниот период ќе бидат исплатени заостанатите побарувања. И покрај тоа што одлуката е правосилна ние ќе се жалиме до Врховен суд“, вели Богдaновиќ.
Општина Центар стави камен темелник на катната гаража кај „Нова Македонија“ во февруари 2013, кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, непосредно пред локалните избори кои се одржаа во март таа година. Изградбата требаше да чини 4 милиони евра, за што Општината подигна кредит. Гаражата требаше да биде во барок стил и на 7 ката.
На изборите, за градоначалник на Центар беше избран Андреј Жерновски како кандидат на СДСМ, кој само неколку месеци по доаѓање на функцијата најави дека ќе ја стопира изградбата на катната гаража, а парите ќе ги пренамени за изградба на училиште во населбата Капиштец.
„Сметам дека на жителите на општина Центар не им е неопходна уште една катна гаража туку ново училиште и градинки. Затоа нема да ја градиме катната гаража туку парите од кредитот ќе ги пренамениме за новото училиште во Капиштец“, изјави во декември 2013 тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.
А. АНТЕВСКА