Општина Центар објави оглас за доделување субвенции за поправка на покриви или лифтови на згради. Субвенцијата ќе биде во висина од 30 отсто од вкупната вредност на известицијата, но не повеќе од 150.000 денари за реконструкција на покрив и 300.000 денари за поправка на лифт.
„Трета година по ред, Општина Центар објавува јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и станбени згради. Преку оваа мерка досега се санирани 53 станбени објекти. Ги повикувам сите заинтересирани граѓани и сопственици на заеднички делови од станбените згради да се пријават, да аплицираат на јавниот повик и со тоа да помогнеме, заедно да ги направиме станбените објекти подобро и похумано место за живеење“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Право на учество имаат сите заинтересирани заедници на сопственици на станови, под следните услови: ако се работи за реконструкција на постоечки кровни конструкции, тие треба да бидат оштетени, ако се работи за поправка и санација на лифтови, тие треба да бидат неисправни, но постоечки. Сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда и најмалку 70% од становите во зградата да се користат во текот на целата година.
Повикот е отворен до 7 декември, а пријавите заедно со целата документација можат да се достават секој работен ден од 9 до 15 часот директно во архивата на Општина Центар, барака бр. 6 или по пошта на адреса улица Михаил Цоков бр. 1, Скопје.
А. АНТЕВСКА