ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОНЕСЕ НОВА ОДЛУКА ЗА МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДБА

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОНЕСЕ НОВА ОДЛУКА ЗА МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДБАСо новата одлука сите Детални урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план нема да се применуваат односно нема да се издаваат одобренија за градба додека не се донесат новите ревидирани планови. (Фото: СДК. МК)

    Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови (ДУП) кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (ГУП), нема да се применуваат. Сите 30 ДУП-ви кои Општината во моментов ги ревидира се спротивни на ГУП-от, па со тоа нема да се издаваат дозволи за градба додека не бидат усогласени со генералниот план.

    Оваа одлука беше донесена на денешната вонредна седница на Советот на Општина Центар, која беше свикана откако на 20 март Уставен суд донесе одлука да се стопира мораториумот за градба во општина Центар, додека не се одлучи дали тој е уставен и законски. Новата одлуката беше изгласана со 16 гласови „за“ а советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.

    „Со оваа нова одлука го продолжуваме мораториумот на градба додека сите планови кои сметаме дека се лоши, го загрозуваат хуманото живеење на граѓаните и се спротивни на ГУП-от како акт на повисоко ниво, не бидат ревидирани. Откако Уставен суд донесе времена мерка за стопирање на мораториумот, за да не се случи да се искористат тие неколку денови за поднесувања барања за градба, ние носиме нова одлука. Со оваа нова одлука престанува да важи последната одлука за мораториум која беше донесена на 13 декември 2018 година. Сега Уставен суд нема потреба да расправа дали таа е уставна или не бидејќи не важи“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Во образложението за новата одлука за начинот на применување на деталните планови се вели дека со неа се потенцира потребата од почитување на темелните вредности содржани во Уставот, а кои се однесуваат на основните човекови слободи и права, признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот.

    „Во член 11 точка 6 од Законот за просторно планирање изречно е наведено дека Деталниот урбанистички план како план од понизок ранг мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план“, се вели во образложението кое денеска градоначалникот Богдановиќ го достави до Советот за гласање на новата одлуката.

    Богдановиќ вели дека во подготовка на ваквата одлука имале помош од правници, професори и академици.

    „Ниту едно барање за добивање одобрение за градба поднесено после 27 декември 2017 години, кога ја донесовме првата одлука за мораториум нема да биде одобрено додека не се ревидираат плановите. Во Општината имаше поднесено 16 барања за градба, а нови две стигнаа деновиве“, додаде Богдановиќ.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира