ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ПРОДОЛЖИ МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА ДО СЕПТЕМВРИ, ПРВИТЕ РЕВИДИРАНИ ДУП-ВИ ЌЕ СЕ НОСАТ НА НАРЕДНАТА СЕДНИЦА

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ПРОДОЛЖИ МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА ДО СЕПТЕМВРИ, ПРВИТЕ РЕВИДИРАНИ ДУП-ВИ ЌЕ СЕ НОСАТ НА НАРЕДНАТА СЕДНИЦАЗабраната за издавање нови градежни дозволи ќе важи до септември кога треба да заврши ревизијата на сите ДУП.(Фото: Општина Центар)

    Општина Центар по четврти пат стави мораториум за градба, со која е стопирана реализацијата на сите донесени Детални урбанистички планови (ДУП). Забраната за градба ќе важи до септември, до кога од Општината очекуваат да заврши ревизијата на сите планови донесени во периодот кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ. Голем дел од запрените ДУП-ви се донесени од претходните општински раководства, во доцните вечерни часови, без никаква консултација со засегнатите страни.

    Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека првите планови се веќе ревидирани и отпочната е јавната анкета и на наредната седница тие ќе бидат ставени на гласање.

    „Продолжувањето на мораториумот го носиме за да можеме да ги ревидираме сите планови. Веќе неколку планови се готови и на наредната седница ќе се презентира каде се направени измени кои ќе овозможат хумано живеење на граѓаните“, рече Богдановиќ.

    Богдановиќ вели дека рационалното уредување, услови за хумано живеење, надминувањето на урбаните бариери на лица со попреченост, заштита и унапредување на животната средина, а особено вклучувањето на јавноста во постапката за донесување и спроведување на планската документација ќе бидат основни приниципи по кои ќе постапува Општина Центар при изготвување на новите Детални урбанистички планови.

    Општина Центар првата одлука за мораториум ја донесе на 27 декември лани и оттогаш не се издаваат нови градежни дозволи а општинарите работат на ревизија на сите ДУП-ви.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари