ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО СТОПИРА ГРАДЕЊЕТО НА ЗГРАДАТА ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА ГРУЕВСКИ И КАМЧЕВ НА ВОДНО, ЌЕ НЕМА ПРИСТАПЕН ПАТ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО СТОПИРА ГРАДЕЊЕТО НА ЗГРАДАТА ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА ГРУЕВСКИ И КАМЧЕВ НА ВОДНО, ЌЕ НЕМА ПРИСТАПЕН ПАТПристапен пат ќе нема бидејќи нагибот на просторот каде треба да биде изведен е далеку поголем од законски пропишаниот, што значи дека нема услов за градење. (Фото: СДК.МК)

    Општина Центар го стопира градењето на Водно, односно на плацот на фирмата „Маркеза“ кој се наоѓа до плацевите на семејството Камчеви и на Никола Груевски. На денешната седница на Советот на Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски побара дополнување на дневниот ред со точка за стопирање на сите градежни дејствија во ДУП Ј07 за кои во изиминатиот период имаше многу полемики и незадоволство од граѓаните на Водно.

    „Со оваа одлука на денешната седница практично се стопираат сите градежни дејствија, со што ниту едно дрво во тој потег од парк шумата Водно нема да биде исечено и таа ќе остане недопрена и заштитена од предвидените градежни активности“, изјави Герасимовски.

    Стопираните градежни активности се однесуваат на парцела на која веќе се почнати градежни дејствија од градителот „Маркеза“ ДООЕЛ кој има добиено одобрение за градба. Покрај оваа, стопирани и други 7 кои се потенцијални плацови за градба.

    Во меѓувреме, „Маркеза“ до Општината има поднесено барање за изградба на пристапен пат до парцелите во должина од околу 130 метри поради што требаше да се сечат дел од дрвата на овој потег. Како што објаснуваат од Општината, на терен излегол геодет кој утврдил дека нагибот на просторот каде треба да биде изведен пристапниот е далеку поголем од законски пропишаниот, што значи дека нема услов за градење на пристапен пат согласно актуелиот закон. Согласно ова, во овој момент Општина Центар ги прекинува сите постапки за овој дел од планот.

    „Повикувајќи се на извештајот од Секторот за уредување на градежно земјиште според кој е утврдено отстапување од наклонот, јас како градоначалник, нема да издавам одобренија за градење за овој простор и овие 8 парцели. Со ова се заштитува зелениот појас на Водно, но и се почитуваат законските прописи. Јас неколкупати досега повторив дека нема да дозволам никакви отстапки од предвидените нормативи и стојам на зборот. Водно ќе остане какво што е и на овој потег и ниту едно дрво нема да биде исечено“, изјави Герасимовски.

    Лани фирмата „Маркеза“ почна да гради објект, но плацот каде што ќе се гради нема пристапен пат, па жителите стравуваат дека ова е почетокот за целосна урбанизација на овој дел од Водно и отворање пат до парцели на семејството Камчеви и Никола Груевски за кои имаше и судска постапка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира