ОПШТИНА ЦЕНТАР ИЗБРИША МАРКИЧКА ЗА ЗГРАДА И ПАРКИНГ КАЈ ДОМ НА ГРАДЕЖНИЦИ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ИЗБРИША МАРКИЧКА ЗА ЗГРАДА И ПАРКИНГ КАЈ ДОМ НА ГРАДЕЖНИЦИСо измените на планот избришана е маркичка за изградба на зграда и нацртан е парк. (Фото: Општина Центар)

    Детското игралиште зад зградата на Дом на градежници нема да се урива за да стане паркинг. Општина Центар со измените на Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници, ја избриша маркичката за проширување на паркингот во овој дел од центарот на Скопје. Наместо, како што предвидуваше со стариот план, изградба на паркинг со површина од 408 метри квадратни, со измените се задржува сегашната состојбата односно постоечко детско игралиште е зачувано.

    Со измените на планот избришана е маркичка за изградба на зграда која според стариот план требало да се гради на државно земјиште, а во новиот се предвидува парк од 262 метри квадратни и пешачка патека.

    Стариот план предвидуваше заеднички подземен паркинг за дел од парцелите и изградба на пристапна улица на местото на пешачката патека кај кафеаната „Кај Маршалот“. Со новиот план се предвидува пристап преку пасажи од улицата Максим Горки, со што се задржува пешачката патека и истата нема да стане улица за автомобили.

    „Во споредба со стариот ДУП кој предвидува 4.043 метри квадратни парковско зеленило, новиот план има вкупно 5.889 метри квадратни парковско зеленило, со што речиси 13% од површината на четвртта е под парковско зеленило. И со овој Детален урбанистички план јасно се видливи нашите заложбите за зазеленување на општината, нормализирање на живеењето на жителите и обезбедување на хумани и пристојни услови за живот и престој“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Планот Дом на градежните е седми ДУП којшто Општина Центар го носи откако пред три години го почна процесот на мораториум. Уставениот суд во декември по втор пат ја укина забрана за градба во Општина Центар и сега повеќе на сила не е мораториумот. Но и покрај тоа, Богдановиќ ветува дека до крајот на мандатот ќе ги донесе сите планови, а на инвеститорите нема да им дозволи така лесно да градат. Сега за сите урбанистички планови Општината ќе прави посебни елаборати во кои ќе се наведат прекршувањата на законот и нестручноста во нивната изработка и ќе ги праќа на суспензија во Министерството за транспорт.  Досега ниту еден план не е суспендиран.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира