Општина Центар денеска на страната на Бирото за јавни набавки го објави конкурсот за уредување на просторот кај фабриката „Треска“. Според конкурсното решение, од целата површина најмалку 37 отсто треба да биде предвидено за содржини од јавен интерес, а согласно сопственоста, земјиштето под јавни намени може да се движи до 47 отсто од содржините.
Во конкурсот стои дека треба да бидат предвидени објекти за домување односно згради со приземје и четири ката. Препорачана е густината да биде од 300-500 жители на хектар, развиената станбена површина да изнесува од 60.000-100.000 метри квадратни, а процентот на изграденост на парцелата за станбени намени да не надминува 60 отсто.
„Мали комерцијални и деловни дејности (Б1) може да се предвидат во приземјата од станбените објекти, особено кон примарните улици, главните станбени улици или обликувани јавни простори. Лоцирањето кон внатрешноста да е условена од создавање мирни простори каде ќе се обезбеди посебен квалитет за станови за ранливи групи. Големи трговски и угостителски единици (Б2 и Б3) може да се планираат зависно од концептот и тие да претставуваат додаден квалитет, а не да ги нарушуваат условите за домување и пристап. Деловните простори (Б4) да се предвидат во делот кон примарната улична мрежа или во делови каде има обезбедено подобра пристапност“, стои во конкурсот.
Во конкурсот треба да бидат предвидени и јавни содржини односно детска градинка (В2) за новите жители и жителите кои живеат во непосредна близина. Објектот треба да згрижи најмалку 250 деца. Содржини од култура (В3), чиј избор, обем и локација се авторски и треба да допринесат за квалитетот на урбанистичкото решение и локацијата
Право на учество на конкурсот ќе имаат домашни и странски физички и правни лица, со услов едно лице да има валидно овластвување од областа на урбанистичкото планирање. Согласно големината на конкурсната задача, заинтересираните кандидати ќе може да аплицираат во периодот од 24 јуни до 1 септември 2021 година. По завршување на конкурсот и фазата на оценување на испратените трудови, најдобрите тројца кандидати ќе бидат наградени со паричен фонд, а трудовите ќе бидат изложени на архитектонска изложба за јавноста.
А. АНТЕВСКА