Општина Центар забрани да се користат мобилни телефони за време на наставата во основните училишта. Како што соопшти денеска кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски, до сите школи се испратени препораки за забрана за користење мобилни телефони за време на настава.
Оваа одлука на Општината доаѓа по зачестените инциденти со предизвици на ТикТок и заради зголемување на безбедноста на учениците.
„Сите основни училишта на територија на општината прифатија да се забрани користење на мобилните телефони од почеток до крај на наставата, а носењето на втор мобилен телефон да биде одземен и вратен на родителот. Со оглед на случувањата во последниот период кои резултираат со повреди на самите ученици, односно имитирање на апликации како ТикТок и други, да се подигне безбедноста во училиштето на повисоко ниво“, вели Герасимовски.
Советничката група на граѓанското здружение „Шанса за Центар“ побара од Советот на Општината ваква забрана уште во август 2023, но оваа точка тогаш не беше ставена на на дневен ред.
На 19 јануари почина 17-годишното момче од скопско Волково, кое доживеа струен удар додека се снимаше на вагон на пруга во Кисела Вода. Пред две години, 17-годишна девојка, исто така, доживеа струен удар додека се снимаше на вагон во Маџари. Тогаш, девојката преживеа, но имаше изгореници од трет степен на 30 проценти од телото и помина месец дена на лекување во болница.
Овие насоки на Општината се донесени врз основа на препораките на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), кои во јули 2023 укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење.
Препораките за забрана на користење на мобилните телефони се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји. Истражувањата на кои се повикува УНЕСКО покажуваат дека мобилните телефони го одвлекуваат вниманието на учениците и имаат особено негативно влијание врз децата кои имаат потешкотии во учењето. Дополнително, децата повеќе разговараат меѓусебно и се дружат, што ја поттикнува социјалната интеракција.