Изградба на подземна гаража под сегашниот паркинг пред Основниот суд во Велес и на негово место создавање шеталиште, е дел од проектот за уредувањето на центарот на Велес. За таа цел, Општина Велес аплицираше на огласот од Министерството за локална самоуправа со кој за поддршка на општински проекти се предвидени 100 милиони евра.
„Со изведба на подземната катна гаража и уредување на градскиот плоштад, централното градско подрачје ќе биде функционална целина и ќе се решат многу значајни проблеми за велешани“, кажа градоначалникот Марко Колев.
Владата пред десетина дена донесе одлука државното земјиште каде треба да се гради подземна гаража и шеталиште пред Основен суд да го отстапи на трајно користење на Општина Велес. Но, останува дилемата која стручните лица подолго време ја посочуваат, а тоа е дека во централно подрачје не треба дa се гради ниту катна, ниту подземна гаража, оти така нема да се избегне гужвата во сообраќајот и загадувањето кое сообраќајот го предизвикува.
„Постапката е отидена предалеку и не се можни никакви измени. Имаме проект, имаме ревизија, издадено решение за градба, имаме сообраќајно решение, значи имаме сè, сега ги очекуваме и парите“, изјави Колев.
Подземната гаража треба да има простор за околу стотина возила. Локалната власт најавува да се гради и катна гаража на паркингот близу автобуската станица спроти некогашното ОУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
П. ПЕЧКОВ