Судот во Велес ги ослободи обвинетите Марина и Никола Антониевски од вина за кривичното дело Запуштање и малтретирање дете. Тоа се родителите чии три деца, Драгана на 4, Петар на две и Теона на една година возраст, изгореа во пожар на 20 јуни 2018 во Велес. Пресудата не е правосилна, обвинителството има право на жалба до Апелација.
Според судијката Валентина Ѓорѓиевска, обвинителството не докажало дека децата во подолг временски период биле грубо запоставени, дека родителите не се грижеле за нив, дека биле неизбањати, неухранети и за такво нешто нема ниту службена белешка од Центарот за социјални работи Велес.
Напротив иако живееле во сиромаштија, родителите се грижеле за децата, ги исполнувале нивните обврски и пред да се случи пожарот, претпладнето Марина ги избањала и нахранила децата и откако тие заспале таа излегла да пазари. Според обвинението, двајцата родители „со грубо запоставување на децата ги запуштиле и оставиле сами во нивниот дом, иако на нивна возраст не можеле сами да се грижат за себе“.
„Со кривичното дело за кое се гонат тие не се товарат за пожарот, туку како се грижеле за децата и како ги остварувале родителските права“, кажа обвинителката Аделина Станинова во завршниот збор.
Бранителот на обвинетите, адвокатот Ивица Ефремов, рече дека родителите биле посветени на децата, се грижеле за нив, но истрагата не дала одговор на главното прашање, како и кој го предизвикал пожарот.
„Семејството живеело во една соба, во која немало електрична енергија, немало ќумбе, шпорет, немало кибрит или запалка. Надвор од куќата имале плинска боца. Прашањето е како избувна пожарот во кој изгореа трите деца. Има елементи за сомневање дека е подметнат, но обвинителството не ги набави листинзите кои ги баравме, за заканите кои родителите ги добивале преку СМС пораки“, кажа бранителот Ефремов.
П. ПЕЧКОВ