ОСУДЕНИЦИ ВО ЗАТВОРИТЕ ВО СТРУМИЦА И ГЕВГЕЛИЈА ДОБИЈА СВИДЕТЕЛСТВА ЗА ЗАВРШЕНА ПРВА ГОДИНА СРЕДНО ЗА МЕХАНИЧАРИ И МОНТЕРИ НА СУВА ГРАДБА

    ОСУДЕНИЦИ ВО ЗАТВОРИТЕ ВО СТРУМИЦА И ГЕВГЕЛИЈА ДОБИЈА СВИДЕТЕЛСТВА ЗА ЗАВРШЕНА ПРВА ГОДИНА СРЕДНО ЗА МЕХАНИЧАРИ И МОНТЕРИ НА СУВА ГРАДБАПрофесори од Државното средно училиште (ДСУ) „Никола Карев“ од Струмица, кое од лани стана и Регионален центар за средно стручно образование, секој месец ги посетуваат вонредните ученици не само во струмичкиот туку и во гевгелискиот затвор и помагаат да се совлада материјата. (Фото: СДК.МК)

    Во Казнено-поправната установа (КПУ) Затвор Струмица беа издадени првите свидетелства на осуденици кои како вонредни ученици успешно завршија дел од учебните години од средното стручно образование. Станува збор за проект на Управата за извршување санкции и Министерството за образование, како дел од процесот за посупешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.

    Меѓу првите осуденици кои добија свидетелство за завршена учебна година е 35-годишник од Радовишко осуден на 15 месеци затвор. Тој е издржува казна затвор откако судот го прогласи за виновен за производство и пуштање во употреба на нароктични средста. Тој го признал делото, а од октомври почна да учи за автомеханичар.

    „Сакам да имам средно образование. Со оглед дека имам познавања на работата на автомобилите, се одлучив за тригодишно средно стручно образование конкретно профилот авотмеханичар. Сакам кога ќе излезам да аплицирам за работа во Бучим или Боров Дол за одржување на возилата. Изминативе месеци ми помагаа професорите. Има и други кои учат, но јас бев најупорен“, вели осуденикот.

    Во затворот во Струмица има вкупно 96 осудени лица кои издржуваат казна затвор. (Фото: СДК.МК)

    Целиот образовен процес го спроведува Државното средно училиште (ДСУ) „Никола Карев“ од Струмица кое од лани стана и Регионален центар за средно стручно образование. Од таму се одговорни за процесот на дооформување на тригодишното средно образование на осудени лица за образовните профили автомеханичари и монтери за сува градба. Нивни професори секој месец ги посетуваат вонредните ученици не само во струмичкиот туку и во гевгелискиот затвор и помагаат да се совлада материјата.

    „Секој месец организираме полагање, со исклучок на јануари и јули. Доставуваме материјали и наши професори се на линија со осудените лица за и околу наставните материјали. Освен во Струмица, одговорни сме и за дооформување на образованието на осудени лица во Гевгелија. Таму мислам дека три лица успешно ја поминаа учебната година со полагање. Се полага како и за вонредни ученици, но осудените лица не плаќаат и оваа обврска ја имаат затворите“, ни рче Архелаос Туранов, директор на „Никола Карев“.

    Десетина осудени лица во затворот во Струмица се вклучија во процесот на дооформување на своето средно образование. Сите како вонредни ученици стартуваа од прва година. Во декември го полагаа предметот Македонски јазик

    „Освен што овде стекнуваат работни вештини, сега може и да го дооформат своето средно образование, со цел кога ќе излезат од затворот да имаат основа за да аплицираат некаде за работа, односно да бидат поконкурентни на пазарот на труд. Ова е само чекор плус во процесот на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица во општеството. Освен по лошо, мислиме дека затворот ќе го запаметат и по убаво, односно место каде некои завршиле средно школо“, вели директорот на Затвор Струмица, Зоран Ристов.

    Во затворот во Струмица има вкупно 96 осудени лица кои издржуваат казна затвор.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира