МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ БАРА СДСМ ДА МУ СЕ ИЗВИНИ, ОТКАКО Е ОТФРЛЕНА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ПРОТИВ НЕГО

    МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ БАРА СДСМ ДА МУ СЕ ИЗВИНИ, ОТКАКО Е ОТФРЛЕНА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ПРОТИВ НЕГОПремиерот Оливер Спасовски и тројца министри беа во самоизолација, откако на 15 април беа во Куманово и присуствуваа на седница на Oпштинскиот кризен штаб заедно со градоначалникот Максим Димитриевски, кој следниот ден беше потврден позитивен на коронавирус. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Куманово ја отфрли кривичната пријава на СВР Куманово против градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и раководителот на Центарот за управување со кризи од Куманово  Горан Стојановски, за сторено кривично дело Непостапување според здравствените прописи од член 206 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи не биле утврдени елементи за сторени кривични дела кои се гонат по службена должност. Димитриевски по соопштението на Обвинителството побара неговата партија СДСМ да му се извини.

    Димитриевски беше потврден за позитивeн на коронавирус на 16 април, заедно со уште 40 кумановци,  меѓу кои и петмина члeнови на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Еден ден пред тоа се одржа проширена седница на штабот на која присуствуваше премиерот Оливер Спасовски и тројца министри, поради што тие мораа во самоизолација.

    Кривичната пријава беше поднесена на 24 април 2020 против Димитриевски и Стојановски, со наводи дека за време на епидемија на опасната заразна болест постапиле спротивно на здравствените прописи, па откако претходно биле тестирани и им било дијагностицирано присуство на вирусот КОВИД-19 и добиле и решенија за задолжително домашно лекување и изолација, се тестирале во три приватни лабаратории во Скопје, иако не смееле да го напуштаат просторот каде биле сместени.

    „По разгледување на пријавата и извршената анализа на сие докази приложени кон неа, како и по извршени дејствија за утврдување на факти во предметот, јавен обвинител од ОЈО Куманово констатираше дека пријавените како асимптоматски носители на вирусот и лица кои поради нивната здравствена состојба спаѓаат во група на висикоризичи пациенти, откако ги добиле решенијата за задолжителна самоизолација и домашно лекување, побарале дополнително тестирање и второ стручно мислење за сопствената здравствена состојба, што е согласно член 9 став 1 од Законот за заштита на правата на пациентите“, соопши Обвинителството.

    Како што вели Обвинителството, притоа, пријавените извршиле консултација со матичните лекари и закажале контролен преглед на Инфективното одделение во Општата болница Куманово за 22 април. Еден од пријавените, приватно ангажирал и платил од сопствена сметка амбулантно возило со кое утрината, истиот ден, двајцата пријавени биле превезени во Скопје и обратно за контролни тестирања во приватни болници и лабараторија. Превозот во амбулатното ковид-возило бил извршен согласно на медицинските протоколи, под целосна заштитна опрема на возачот и пациентите.

    Нивниот превоз, пријавените уредно го пријавиле телефонски на 192 во Центарот за известување и командување при СВР Куманово, а согласно решенијата за домашна изолација каде стои дека „доколку лицето во текот на лекувањето и изолацијата во домашни услови има потреба од болничко лекување, претходно треба да се јави на телефонскиот број 192 со цел да му биде овозможено напуштање на домот.“

    Откако им биле земени примероци, согласно медицинските протоколи, пријавените со истото амбулантно возило се вратиле назад во Куманово, каде веднаш во Инфективното одделение во Општата болница им биле земени примероци на крв за анализа, бил извршен преглед и рентгенско снимање.

    Резултатите од извршеното тестирање во Скопје биле негативни, исто како и резултатите на извршено дополнително тестирање од страна на екипа од приватна болница која дошла во домовите на пријавените. Тие, без оглед на негативниот резултат од тестирањата, останале во домашна изолација се` до истекот на рокот од 14 дена и до добивање на два последователни негативни резултати од овластената лабараторија.

    „Имајќи ги предвид сите преземени дејствија на пријавените, начинот на кои ги преземале и особено околностите во кои тие биле преземени, обвинителството утврди дека сосема е неспорно дека пријавените за време на епидемија на заразната болест не постапиле спротивно на ниту еден пропис или наредба со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување, односно дека во постапувањето на пријавените не се содржани елементи на сторено кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик, ниту пак на било кое друго кривично дело кое се гони по службена должност, поради што обвинителството го донесе решението за отфрлање на кривичната пријава“, соопшти Обвинителството.

    По отфрлањето на обвинението, Димитриевски Фејсбук објави дека „вистината за овој монтиран случај излегла на виделина“ и ја повика СДСМ да му се извини.

    „Ќе ги преземам сите активности предвидени со закон да се лоцираат одговорните лица во постапката кои од нив познати мотиви ги злоупотребија сопствените службени овластувања и креираа случај за наводно сторено кривично дело кое имаше за цел јавно да ме девалвира и дискредитира и да ја искриви вистината.
    За жал, оваа не е прв случај во кој МВР и други државни институции се користат за политички пресметки, вршење на притисок и раскусурувања со неистомисленици, такви случаи имало и во минатото. Во минатото, во неколку наврати бев предмет на оградување и прозван од раководството на мојата партија СДСМ, несакајќи да нарушам ничиј авторитет и да наштетам на сопствената партија тогаш премолчав но верував во вистината. Тие избрзани и несреќни изјави се минато но, најмалку што очекувам е извинување и поддршка за расчистување на случајот до крај“, објави Димитриевски.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира