ОТВОРЕН АДРЕНАЛИНСКИОТ ПАРК ВО СКОПСКИ КАРПОШ 4, ВЛЕЗОТ ЌЕ БИДЕ 600 И 800 ДЕНАРИ, ЌЕ ГО СТОПАНИСУВА ПРИВАТНА ФИРМА

    ОТВОРЕН АДРЕНАЛИНСКИОТ ПАРК ВО СКОПСКИ КАРПОШ 4, ВЛЕЗОТ ЌЕ БИДЕ 600 И 800 ДЕНАРИ, ЌЕ ГО СТОПАНИСУВА ПРИВАТНА ФИРМАСо паркот, кој чини 700.000 евра и се градеше со пари од Европската унија и од буџетот на Општина Карпош ќе стопанисува приватната фирма „Adventure Side“, која е избрана на јавниот повик. (Фото: Општина Карпош)

    Од денес отворен за посетители е спортско-адреналинскиот парк во населбата Карпош 4 во Скопје на кејот на реката Вардар. Влезот во адреналинскиот дел ќе се наплатува, односно картата за жители на Карпош кои имаат картичка „Мој Карпош“ ќе биде 600 денари, а за жители на други општини 800 денари за возрасни, а 600 за деца. Работното време ќе биде од 17 до 23 часот. Изградбата на целиот парк сосе спортските терени чини 700.000 евра и се градеше со пари од Европската унија и од буџетот на Општина Карпош. Со адреналинскиот дел од паркот ќе стопанисува приватната фирма „Адвенчр сајд“ (Adventure Side), која е избрана на јавниот повик, а спортските терени ќе бидат бесплатни за користење.

    „Наплатата на билет е од причина што за овој дел и опрема во паркот потребна е тековна амортизација, а додека се рекреираат граѓаните, ќе бидат придружувани и од обучени инструктори. Исто така, субјектот ‘Адвенчр сајд’, ќе прави редовна ресертификација на адреналинскиот парк, со цел да биде гарантирана безбедноста на сите корисници. Во просек, еден корисник го поминува адреналинскиот дел за час и половина, а граѓаните ќе имаат право и два пати да користат зиплајн како и да добијат фотографии од овој авантуристички дел“, велат од Општина Карпош.

    Во рамките на паркот има и две игралишта на песок, скејт паркот, скверот и детското игралиште ќе бидат бесплатни за користење. Работното време на спортскиот дел од паркот и детското игралиште е од 10 до 23 часот. Сите заинтересирани граѓани слободно можат да ги користат игралиштата за фудбал и одбојка до 16 часот, а за спортување во попладневните часови треба да закажат термин на [email protected]  или на телефонскиот број 072/911-135.

    Целиот спортско-адреналински парк кој се наоѓа на површина од 10.000 метри квадратни е под 24-часовно обезбедување од приватна агенција. Во рамки на оваа зона засадени се и 80 висококвалитетни дрвја, нова тревна површина, а поставен е и систем за наводнување на зеленилото.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира