ОТВОРЕНИ ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ ВО СТРУМИЦА, ЗАДОЛЖИТЕЛНИ МАСКИ И РАКАВИЦИ ЗА ПРОДАВАЧИТЕ И КУПУВАЧИТЕ

    ОТВОРЕНИ ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ ВО СТРУМИЦА, ЗАДОЛЖИТЕЛНИ МАСКИ И РАКАВИЦИ ЗА ПРОДАВАЧИТЕ И КУПУВАЧИТЕВо Струмица се отвори пазарот на големо за зеленчук, но и зелениот пазар со кој стопанисува ЈП „Комуналец“. (Фото: СДК.МК)

    Во Струмица се отвораат зелените пазари за продажба на земјоделски производи, но со посебни услови за работа, соопшти Општината откако Општинскиот штаб за заштита и спасување го разгледа барањето на раноградинарите од струмичко Банско. Тие деновиве од локалните самоуправи и министерствата побараа отворање на пазарите, каде ќе можат да ги понудат произведените количини лути пиперки и пролетна зелка, со оглед на отежнатиот пласман на зеленчук од Струмичкиот Регион поради пандемијата со коронавирус.

    Во Струмица се отвори пазарот на големо за зеленчук, но и зелениот пазар со кој стопанисува ЈП „Комуналец“. На двата пазара ќе има редари, а продавачите ќе мора да носат заштитни маски и ракавици.

    ,,Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Комуналец’ врши постојана дезинфекција, а постави и редари за максимално почитување на посебните услови. Тоа значи дека сите продавачи треба да носат заштитни маски и ракавици, а истите заштитни мерки важат и за купувачите’’, соопшти Општина Струмица.

    Раноградинарите од струмичко Банско алармираа за отворање на зелените пазари во земјава и тие да работат под контролирани услови. Според нив, потребно е надлежните да размислат и за издавање на посебни дозволи за транспорт на зеленчукот за продажба од еден до друг пазар, бидејќи со тек на времето стасува производството, а пласманот со затворањето е сè потежок.

    Поради пандемијата со коронавирус, откупувачите тврдат дека пласманот на зеленчук од Југоистокот е отежнат, а земјоделците стравуваат дека родот, посебно пролетната зелка, може да остане по нивите. Министерот за земјоделство Трајан Димковски и откупувачите договорија до 20 април откупната цена да биде минимум 15 денари и под оваа цена не смее да се врши откуп, за што ќе има редовни инспекциски контроли.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира