Пак пропадна камион во фонтаната на Плоштадот Макадонија во Скопје. Од утрово, на Плоштадот се поставува бина и шатори за фестивалот на пивото „Пиволенд“ кој го организира Град Скопје. Еден од камионите кој носеше опрема пропадна и фонтаната сега повторно е искршена и оштетена.
Пропаднатиот камион не успеа да го крене ни пајакот кој дојде да го извлече.
„Приватен субјект со возило камион без дозвола неовластено влегол на плоштадот Македонија, по што е причинета штета на плочникот. Градот Скопје остро го осудува овој чин, ќе ги преземе сите законски мерки за извршување на инспекциски надзор како и за санкционирање, по што за причинетата штета врз јавните добра на плоштадот ќе се бара надомест на штета. Ваквото однесување од страна на поединци е недозволиво и за истото ќе се спроведат најстроги санкции“, соопшти Град Скопје.
Ова е трет пат да пропаѓа камион на Плоштад. Во 2017 пропадна камион додека се подготвуваше пречек на ракометарите на Вардар по освоената шампионска титула.
Лани во март пропадна камион за чистење на плочникот на ЈП „Комунална хигиена“. После тоа, плочникот на фонтаната со месеци стоеше отворен и заграден со лента за да не минуваат пешаци.
Површинската фонтана беше изградена во време на ексградоначалникот Коце Трајановски и чинеше 2,5 милиони евра. И таа е дел од проектот на владата на Никола Груевски „Скопје 2014“ вреден околу 700 милиони евра.
А. АНТЕВСКА