ПАК СЕ ГРАДИ НА ВОДНО ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА ГРУЕВСКИ И КАМЧЕВ, ГЕРАСИМОВСКИ ЏАБЕ ДОНЕСЕ РЕШЕНИЕ ЗА СТОПИРАЊЕ НА ГРАДБАТА

    ПАК СЕ ГРАДИ НА ВОДНО ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА ГРУЕВСКИ И КАМЧЕВ, ГЕРАСИМОВСКИ ЏАБЕ ДОНЕСЕ РЕШЕНИЕ ЗА СТОПИРАЊЕ НА ГРАДБАТАКако што велат граѓаните кои се јавија во нашата редакција, вчера наутро во 10 часот вработените на „Маркеза“ насилно влегле на спорниот плац на улицата Питу Гули користејќи ја за пристап шумата над плацот со својата градежна механизација. (аматерска фотографија)

    Од вчера пак се гради на плацот на фирмата „Маркеза“ кој се наоѓа до плацевите на семејството Камчеви и на Никола Груевски. И покрај тоа што Општина Центар по предлог на градоначалникот Горан Герасимовски лани во јуни донесе одлука за стопирање на сите градежни дејствија во ДУП Ј07, градежна механизација пак работи на расчистување на просторот односно на сеча на дрвјата и зеленилото. Овој план го укина и Уставниот суд.

    „Со оваа одлука на денешната седница практично се стопираат сите градежни дејствија, со што ниту едно дрво во тој потег од парк шумата Водно нема да биде исечено и таа ќе остане недопрена и заштитена од предвидените градежни активности“, рече Герасимовски во јуни лани.

    Стопираните градежни активности се однесуваа на парцела на која беа почнати градежни дејствија од градителот „Маркеза“ ДООЕЛ кој има добиено одобрение за градба и покрај тоа што нема пристап до парцелата. Стопирани беа и други 7 кои се потенцијални плацови за градба.

    Но, и покрај тоа „Маркеза“ брза да почне со изградба, не се откажува и сака да ја искористи својата стара дозвола, базирана на веќе укинат ДУП, насилно да си направи пристап и да започне со градежни работи.

    Како што велат граѓаните кои се јавија во нашата редакција, вчера наутро во 10 часот вработените на „Маркеза“ насилно влегле на спорниот плац на улицата Питу Гули користејќи ја за пристап шумата над плацот со својата градежна механизација. Велат дека веќе 2 месеци трпат закани, јавувања и вознемирувања од оние кои стојат зад оваа градба. „Маркеза“ сепак брза да почне со изградба, не се откажува и сака да ја искористи својата стара дозвола, базирана на веќе укинат ДУП, насилно да си направи пристап и да започне градежни работи.

    „До овој плац никогаш не постоел пристап. Измислен пристап можеше да добие доколку ургира да се срушат скалите на едниот сосед, на кој над 50 години тоа му е единствен пристап до неговиот дом и од друга страна, оградата на друг сосед која заедно со мермерниот плочник постои колку што постои и куќата 60 години. И покрај одлуката на Уставен суд да се укине Деталниот урбанистички план за делот на Центар каде се наоѓа улицата Питу Гули и покрај неколкуте тековни судски процеси и ветувањата на градоначалникот Горан Герасимовски дека компанијата ‘Маркеза‘ нема да гради, компанијата упорно се обидува и утрово успеа низ шумата да влезе до спорниот плац“, велат жителите на улицата Питу Гули.

    Од Општина Центар велат дека стопирана е градбата и на Водно нема да се гради. Откако по пријави на граѓани добиле информација дека на Водно има повторно градежни активности, денес на терен излегле инспектори од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар. По извршениот увид, составен е записник и постапувајќи по Законот за заштита на урбано зеленило, поведена е постапка за санкционирање на фирмата која што копала.

    „Како што веќе изјавив, на овој потег додека сум јас градоначалник нема да дозволам градба, а пристапен пат не е предвиден и нема да се гради од причини кои повеќе пати ги образложивме во јавноста. Според информациите, инвеститорот започнал активности за ископ очигледно со цел да ја задржи правосилноста на дозволата за градба, која доколку не започне градежни активности во предвидениот рок по закон ја губи. Но, тоа е сѐ што може да направи, бидејќи градба не може да има доколку нема пристапен пат, за кој како што веќе во повеќе наврати потврдив, општината нема да го гради“, вели градоначалникот Герасимовски.

     

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира