ПАЛЕЊЕТО НА ТРСКАТА Е ОПАСНОСТ ЗА АВИОНИТЕ ШТО СЛЕТУВААТ НА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ, ВЕЛАТ ПИЛОТИТЕ

    ПАЛЕЊЕТО НА ТРСКАТА Е ОПАСНОСТ ЗА АВИОНИТЕ ШТО СЛЕТУВААТ НА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ, ВЕЛАТ ПИЛОТИТЕИзминативе два дена гореше трската токму пред пистата на Охридскиот аеродром; - Авион на холандскиот чартер превозник ТУИ слета во Охрид со првите сезонски холандски туристи на 11 мај 2018 (Фото: СДК.МК/ТАВ)

    Трската што два дена  гори на охридско-струшкиот брег, посебно на делот на неколку стотина метри пред почетокот на пистата на Охридскиот аеродром, гледано од страна Езерото, не ја нарушува само еколошката рамнотежа туку е опасност за авионите што слетуваат тука, сметаат реномирани македонски пилоти. Последниве денови, а и години во повеќе случаи често гореше трската токму пред пистата на Охридскиот аеродром.

    Пред речиси една деценија, кога на аеродромот во Охрид беа промовирани првите противпожарни авиони на американката компанија „Ер трактор“ пилотите предупредија и на опасноста на пожарите во близина на воздухопловното пристаниште за безбедно слетување на авионите од цивилната авијација.

    Стандардната процедура за слетување на Охридскиот аеродром, според кажувањето на пилоти, е од правец Кичево па над аеродромот свртува малку лево кон Галичица (крај Езерото), а потоа врти десно и се поставува во правец на пистата. Во процедурата, во последната финална фаза (од околу 200 метри височина) пилотот лета со видливост кон писта и рачно го управува авионот.

    Авторот на бројни книги за летањето, пилотот и новинар Зоран Модли често пишува дека слетувањето на авионите е „контролирано паѓање“, укажувајќи колку е значајна фазата на слетување на еден воздухоплов.

    „Горењето на трската може да ја смали видливоста во последната критична фаза. Понатаму, горењето може да крене во воздух и некои зажарени – жешки предмети кои може да влезат во моторите и да ги оштетат“, вели реномираниот македонски пилот Ѓорѓи Чачкиров кој, иако не бил пилот во сообраќајна авијација, слетувал со други типови авиони на сите македонски аеродроми, а е одличен познавач и на теоријата и техниката на моторното летање и  беше директор на возухопловната власт.

    Иако пожарните од охридската Противпожарна бригада постојано ги гасат запалените трски, сепак никој што пали не е казнет, ниту пак некој ги бара потпалувачите.

    „Да потсетиме дека казната за палење стрништа, плевели и други растителни отпадоци се движи од 6 до 8 илјади евра за правни лица и од 1,5 до 3 илјади евра за физички лица. Освен казната, сторителот ќе треба да ја надомести и штетата. Засега, ниту некој е казнет, ниту има желба за превенција и укажување на негативните последици од овие активности. Се пали, противпожарната служба ќе изгаси, ќе се смират страстите и ќе се заборави, до следниот пат. Инспекторите, ако излезат, само ќе продефилираат и толку“, реагираат и од здружението Охрид СОС.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира